На вчера одржаниот прв круг претседателски избори во Франција убедливо најмногу гласови освои актуелниот шеф на државата Емануел Макрон, но неговата ривалка, односно второпласираната крајна десничарка Марин ле Пен, во одлучувачкиот втор круг на 24 април би можела да му создаде многу проблеми на Макрон, пишува Би-Би-Си.
Според анкетите, трката за претседателската функција во вториот круг на 24 април би можела да биде тесна меѓу Макрон и Ле Пен.
Со 97 отсто преброени гласови до утрово, Емануел Макрон освои 27,6 отсто од гласовите, Марин Ле Пен 23,41 отсто, а крајниот левичар Жан Лик Меленхон 21,95 отсто. Со повеќе од петтина од гласовите, гласачите на Меленхон би можеле да го имаат одлучувачкиот збор во вториот круг, но и многумина од нив би можеле да не излезат на вториот круг гласање.
Марин Ле Пен ги повика сите што не гласале за Макрон да ѝ се придружат и „да ја вратат Франција в ред“.
Меленхон пак, којшто изненади освојувачки повеќе гласови отколку пред пет години, повика да не се даде ниту еден глас за Ле Пен, но истовремено не изрази поддршка на Макрон.
Според анкетата за исходот на вториот круг од претседателските избори на 24 април што ја изработи Ifop-Fiducial за првиот канал на француската национална телевизија, 51 отсто од гласачите се определени за Макрон, а 49 отсто за Ле Пен. Тоа е најтесната разлика што досега ја предвиделе, велат од агенцијата.
Анкетата на Еlabe, пак, предвидува сооднос од 52 наспроти 48 отсто, во корист на Макрон.
„Кога екстремната десница во сите нејзини форми претставува толку многу од нашата земја, не може да чувствуваме дека работите одат добро“, предупреди вчера Макрон.
Ле Пен пак рече дека е време за „голема промена, со голем избор меѓу две спротивставени гледиша „Или поделби и неред, или единство на францускиот народ околу гарантирана социјална правда“.
Таа својата кампања ја изгради околу статистиките за трошоците на живот, ветувајќи намалување на даноците, но и укинување на данокот на приход за помладите од 30 години. Иако помалку од претходно беше навлезена во национализам, таа јасно посочи дека е за референдум за ограничување на имиграцијата, радикална промена на односот кон ЕУ и забрана за носење на хиџаб во јавните простори.
За председателската функција се бореа 12 кандидати, но само тројца имаа шанси, со повеќе од 10 отсто доверба на анкетите.
Вчерашниот прв круг претседателски избори исто така донесе изненадување со тоа што катастрофа доживеаја двете најстари партии што владееле со Франција во Минатото – Републиканците и Социјалистите. Првите речиси и исчезнаа на вчерашното гласање, а поддршката за социјалистката Ан Хидалго падна под два отсто.
Извор: МЕТА