По заслуга на претходниот директор, парите од вработените во прилепски „Комуналец“ отишле кај адвокатите

Пишува: Зоран Милошески

Финансиското работење на претходната раководна гарнитура на ЈКП „Комуналец“- Прилеп, е предмет на анализа на надлежните институции и секое евидентирано незаконско работење, ќе биде санкционирано со соодветни пријави до МВР и Јавното обвинителство. Со ваквиот став, од јавното комунално претпријатие ги демантираат шпекулациите дека сите незаконитости во 12 годишното функционирање на претходниот директор Златко Ристески, за кои прилепската јавност и медиумите отворено зборуваа, ќе бидат заборавени и ставени “под тепих“.

Бројките за долгот во висина од околу 55.000.000 денари кој актуелниот вд директор на прилепски „Комуналец“, Ѕвонко Јованоски го наследил од неговиот претходник, недвосмислено укажуваат на сериозни индикации за недомаќинско работење на претходниот менаџерски тим.

„Во овие 55.000.000 денари не е влезен долгот спрема вработените за исплата на новогодишен надоместок за 2014 година, кој само за еден работник изнесува 12.760 денари, за 2015 година 13.154, за 2016 е 11.137 и за 2017 година 13.899 денари. За 2016 година не бил исплатен регресот за годишен одмор, популарно наречениот К-15, во износ од 9.144 денари по работник. Ова се огромни суми за кои зедов обрска да ги исплатам спрема вработените. Дополнително, покрај долговите кон вработените, платени се големи суми за судски и адвокатски трошоци и нотарски услуги. Така речи, парите од вработените, отишле кај адвокатите“, вели вд директорот Јованоски.

Јованоски истакнува дека дополнителен внатрешен проблем на ЈКП „Комуналец“, е што од 2009 година до 2012 година, сите вработени кои не тужеле по основ на неисплатен новогодишен надоместок и регрес за годишен одмор, во просек изгубиле по околу 100.000 денари, што ги прави нерамноправни по однос на нивните колеги кои по истиот основ ја тужеле фирмата. Според нивното кажување, како што вели Јованоски, иако имале законска основа да си ги бараат парите, тие не го тужеле јавното претпријатие бидејќи ја знаеле неговата финасиска состојба и стравувале дека поднесените тужби можат да доведат до затворање на ЈКП „Комуналец“.

Она што дополнително ќе биде предмет на интерес на пошироката јавност, е состојбата со изградбата на халата за секундарна селекција на отпад, во близина на постојната депонија кај село Алинци.

„Станува збор за еден мегаломански проект, за кој се’ уште не е платена ниту набавената опрема, а постојат и сериозни анализи кои укажуваат на нејзината економска неоправданост и неисплатливост. Надлежните институции работат на овој предмет и верувам дека за отприлика еден месец јавноста ќе ги знае деталите за вистинските мотиви поради кои мојот претходник инсистирал на изградба на погон за секундарна селекција на отпад“, појаснува Јованоски.

Првиот човек на ЈКП „Комуналец“ истакнува дека во изминатите 7 месеци, колку што тој се наоѓа на чело на претпријатието, намалени биле сите непродуктивни трошоци, како што се тие за репрезентација, службени патувања, адвокатски и судски трошоци, а истовремено биле зголемени фактурираните услуги кон граѓаните и фирмите, а зголемена била и наплатата. Она што влева надеж дека ЈКП „Комуналец“ за скоро ќе застане на “здрави нозе“, е податокот дека во изминатите 7 месеци, вкупниот долг кон вработените и доверителите бил намален за 6.863.760 денари.

Прочитајте повеќе

Владата му го одзеде државјанството на украинецот Онишченко

Владата на денешната седница одлучи да се поништи одлуката за прием на Олександр Онишченко во …