Победа е наша - тиквата е ваша!

Победа е наша – тиквата е ваша!

Пишува: Зоран Милошески

На прв поглед, се случи она кое што малку кој го очекуваше: на иста маса седнаа шефовите на власта и опозицијата и за помалку од 3 часа се договорија за многу повеќе прашања, отколку за сите изминати 4 години. За се’ што беше камен на сопнување и што ја вжештуваше не само политичката атмосфера, Заев и Мицкоски изградија заеднички став: го одложија пописот, локалните избори ги поместија од првата за втората половина на октомври, договорија суштински измени на Изборниот законик и деблокада на работата на Собранието. Повеќе од тоа и немаше што да договараат. Вистинска политичка идила!

Сега останува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пиаровски да го одработат постигнатиот договор и да прогласат победа на нивната „разумна“ политика, во однос на „неразумната“ на политичкиот опонент. И сето тоа во стилот „победа е наша, тиквата е ваша“, како што на времето кога на улиците имаше деца кои играа „џамија“, „народна“ и други друштвени игри, ја прогласуваа победата на својот табор над противничкиот.

А, што всушност се случи? На што се должи „ничим изазваната“ желба за политички дијалог?

Дали овонеделното укажување на потребата од, како што Заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, ја нарече „конструктивна и ангажирана опозиција“, беше главната причина која го „мотивираше“ Мицкоски преку ноќ да покаже кооперативност во постигнувањето позициско-опозициски консензус по прашањата од државен интерес?

Што е тоа што Заев го натера да се откаже од децидниот став дека одлагање на пописот нема да има, дека и покрај галопирачката пандемија тој „ќе се одржи согласно протоколите за заштита од ковид-19 кои гарантираат безбедност по здравјето на граѓаните“?

Сосема е извесно дека во двата политички табора, далеку од очите на јавноста, нешто се случува.

На месец и пол пред партискиот Конгрес кога треба да се конституираат Централниот и Извршниот одбор, а во очекување на најавеното кадровско „проветрување“, целото внимание во владејачката партија е насочено кон Заев и неговиот најтесен круг на соработници. Се чини дека со постигнатиот дијалог и прифаќањето на опозицискиот предлог за одлагање на пописот, на Заев му падна голем камен од срцето. Бидејќи, одењето контра мнозинството од граѓаните кои не беа одушевени од идејата за негово одржување во време кога пандемијата ескалира, ќе беше голем ризик од евентуалните последици и дополнителното влошување на состојбата со коронавирусот. Од тие причини, одложениот попис му донесе двоен бенефит: покажа конструктивност и го слушна гласот на опозицијата, а истовремено го избегна ризикот од непотребното ставање „трн во нога“ и можното влошување на и онака сериозната здравствена криза.

Главната грижа, пак, на најголемиот дел од останатите партиски функционери на СДСМ, е да не ги фати „ветрот на промените“ и да не направат никаква грешка. Оти, за едни тоа би значело детронизирање од сегашните позиции, а за други губење на шансите за фаќање место во највисоките партиски органи и обезбедување добра стартна позиција за посакуваната кандидатура за градоначалник. Која, ако продолжи ваквиот надолен тренд, и нема да биде толку посакувана…

Оттаму, по принципот „наведната глава сабја не сече“, целиот товар и сета одговорност се префрлени на првиот социјалдемократ ем премиер, кој како впрочем и досега, треба да одработи за неработниците, да биде мудар за тупаците и храбар за кукавиците. Тоа што Заев и’ подаде рака на опозицијата, претставува презентација на „три во едно“ од претходно наброените и насушно потребни лидерски карактеристики, неопходни за реализација на трите зацртани цели за тековната 2021 година: консолидирање на партијата, успешно спроведување на пописот и победа на локалните избори.

Во најголемата опозициска партија ситуацијата е малку покомплицирана. За излегување од „лимбо“ состојбата, постојат повеќе огради од типот „Ако…“, „Доколку…“ и „Под услов…“, првенствено од аспект на она што во моментов на партијата итно и’ е потребно за обезбедување на внатрепартиски мир – зацврстување на разнишаната партиска фотелја на Мицкоски.

Ако ДПМНЕ сака да стане политички субјект во кој меѓународната заедница би гледала сериозен фактор на стабилност, како за државата така и за регионот, тогаш ќе мора да го смени начинот на функционирање, пред се’ во Собранието.

Доколку, пак, амбициите на лидерот се прекинување на четиригодишниот „пост“ и враќање во зградата на „Илинденска“, тогаш ќе мора да раскрсти со груевизмот во сопствените редови, да понуди нови идеи и луѓе и да покаже капацитетност во обединувањето на раскараните, поделени и закрвени фракции.

Под услов да го исполни сето тоа, ВМРО-ДПМНЕ може да прерасне во кредибилен политички субјект и прифатлив партнер за надворешниот фактор.

Што се однесува до поентирањето од договорот со власта, анализите, и тоа многу скоро, ќе покажат дека иако од политички аспект е корисен и придонесува за смирување на тензиите, тој за партијата на пуленот на унгарскиот бегалец, сепак не е профитабилен. Критиките и отровните стрели кои голем број фракционери и партиски неистомисленици веќе ги упатуваат кон „управителот на белата палата“, во својата основа го имаат она кое и досега во многу наврати било (до)кажано: дека Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и се’ додека тој е шеф на опозицијата, Заев и СДСМ ќе бидат власт во државата.

А во меѓувреме, отворената и речиси недипломатска порака која „големиот брат“ ја упати до едните и другите, е јасна како ден: „САД очекуваат од Владата да ја подобри борбата против корупцијата, а опозицијата да се појави во парламентот и да се откаже од бојкотирања и блокади“.

Појасно и почисто од ова – на бања!

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …