ПОБЕДА НА ЖИВОТОТ НАД СМРТТА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

На 11.декември нема да се слави само падот на режимот и победата на СДСМ и опозицијата, туку ќе се слави победата на животот.  

Ова беше една од главните поенти со кои првиот социјалдемократ го потенцираше значењето на исходот од декемвриските избори, под услов тие да бидат одржани. Ваквиот став на Заев не треба да се сфати само метафорички, туку пред сѐ како реминисценција на сето она што благодарение на актуелната власт, го доживеавме и преживеавме за време на нивното еднодецениско владеење.

Убиства, „самоубиства“, девалвирани институции, силувана демократија, изгубени генерации, уништени перспективи… Милијарди евра фрлени во неврат, стотици илјади граѓани раселени по светот. Една деценија поразите ги славиме како победи. Навикнавме да губиме и да размислуваме со туѓа глава. Од дрвата не ја гледавме шумата, од темнината – светлината.

И затоа падот на режимот, кога и тој да се случи, нема да биде „обична“ изборна победа. Неговиот пораз ќе биде победа на надежта над бесперспективноста, на доброто над злото, на реалното над фиктивното. Ако сакате, победа на животот над смртта. Оти со Груевци на чело, државата одумира а граѓаните вегетираат. Некои ни толку…

Многу позитивни вибрации доаѓаа вчера од „Александар Палас“. Не само заради силно мотивираниот опозициски лидер, ниту заради тоа што Бранко конечно се јави. Чинам оти најголемиот дел од оние кои Конгресот го следеа од дистанца, го видоа и почувствуваа истото што и јас: желба, енергија и силна порака која на немотивираниот, разочаран и депресивен просечен граѓанин на оваа држава му требаше како лебот насушен.

А токму тоа беше она што еден подолг период недостигаше, што граѓаните не можеа да го видат кај „закочените“ и максимално пасивизирани општински организации, кои своите активности ги сведоа на ниво на полуилегални кружоци. Сакам да верувам дека веќе од денес тоа ќе биде минато и дека штабовите на опозициските партии ќе бидат епицентарот на сите позначајни политичките збиднувања.

Велат сме се наоѓале во криза. Политичка и економска. Па зарем е тоа вест? Кризата одамна стана наш начин на живот. Ние поинаку и не знаеме да функционираме. И тоа ни се случува безмалку две и пол децении. И што правиме со тоа сознание? Ништо! Ама баш ништо! Со тоа што сме ја констатирале состојбата мислиме дека сме ја завршиле работата. Дека наутро кога ќе се разбудиме, како последица на нашата премудрост, сите проблеми и кризи ќе исчезнат и ќе изгледа дека никогаш и ги немало.

Лесно ќе беше доколку сѐ беше толку едноставно. Никој, или речиси никој, не го оспорува фактот дека со ваков предизвик досега не сме се соочиле, дека поголемо зло не ја навасало Македонија. И прашањето не е дали, туку како да се справиме со него?

Со тоа што секојдневно ќе попуваме и докажуваме кој каде погрешил, што ќе ставаме лајкови на сите проопозициски фејсбук статуси и новинарски анализи без воопшто и да ги прочитаме, што ќе им пцуеме сѐ по список на аздисаните политичари и на нивните слуги, нема многу да постигнеме.

Со „фејсбук револуција“ уште никој не ја турнал власта. Битката се води во институциите, на улица, на работните места. Храбро, без калкулации, без ставање на личниот пред колективниот интерес. Треба да ги разбудиме, разубедиме и мотивираме оние кои никогаш не излегуваат на гласање затоа што „сите се исти“. И да им докажеме дена не се исти. Оти навистина не се исти. Ако сме искрени во намерата да направиме нешто и за себе и за државата, дигитроните треба да ги заклучиме во фиока. Барем до 11.декември. Или до првите следни избори, кога и да бидат.

Убеден сум дека еден храбар лидер, две опозициски коалиции и илјадници освестени граѓани, се сосема доволни да ја испратат власта во историја, а криминалците во затвор.

Автор:

Чеге Вара                          Прилеп, ебаго!…….(130)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …