ПОБЕЗБЕДЕН ПРЕМИН ЗА УЧЕНИЦИТЕ И ПЕШАЦИТЕ НА УЛИЦАТА „ВАСКО КАРАНГЕЛЕВСКИ“ ВО БИТОЛА

Со последните мерки преземени од страна на Општина Битола, учениците, но и останатите пешаци ќе имаат побезбеден приод до основното училиште „Елпида Караманди“, како и до Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост. Проектот, кој започна на иницијатива на една од паралелките во училиштето, веќе ги доби посакуваните ефекти.

„Години наназад некој некого убедувал дека ова е магистрална улица и дека работите мора да стојат тука и ништо не може да се направи. Меѓутоа, мотивирани од она што значи безбедност на нашите најмили, собравме сили да навправиме нешто на овој потег со кој би се подигнала безбедноста при движење на учениците, но и на сите граѓани. Вложени се околу 430.000 денари на вибрациони ленти, воздушни перничиња, катадиоптри, на сообраќајни значци, односно на се она што значи поголема видливост. Останува во наредниот период детектираните критични точки, да ги оствариме и за другите делови од градот“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Учениците, заедно со наставничката Гордана Угриновска, присутните советници и членови на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, ја преминаа улицата, повторно како и пред повеќе од една година, апелирајќи им на возачите „Сакам да поминам“.

„По над една година од отпочнувањето на кампањата „Сакам да поминам“, упатуваме апел до граѓаните од овој дел на градот да го користат новиот пешачки премин на ул. „Васко Карангелевски“, бидејќи сега тој е соодветно регулиран и е сигурен за преминување на пешаците од ово дел кон училиштето Елпида Караманди и Дневниот центар. Ние изработивме една мапа на која прикажуваме 8 други локации на кои што треба да се регулираат пешачките премини, бидејќи тие се наоѓаат на фреквентни магистрални улици каде што брзината е поголема. Упатуваме апел до општината во што поскоро време, еден по еден да се регулираат овие премини“, рече Мите Ристов, од невладината „Геосфера“.

На крајот од денешната активност, во која сите уште еднаш упатија да не се вози брзо на овој потег во градот, да не се преминуваат полните линии и да не се избегнуваат воздушните перничиња, учениците испратија и балони со пораки за нивна безбедност и сигурност. Во рамките на овие зафати, Општина Битола направи и пристап до новиот пешачки премин од училиштето со бехатон плочки, како и пристапна патека за лицата кои го посетуваат Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост, во вредност од околу 60.000 денари.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …