Во 82 година од животот, во Белград почина југословенската фудбалска легенда, Драгослав Шекуларац. Шекуларац беше симбол на едно време и еден од најдобрите фудбалери и дриблери на сите времиња во поранешна Југославија.

Шекуларац е роден во Штип, на 8 ноември 1937 година. За првата екипа на белградска Црвена Ѕвезда дебитирал во 1955 година. За 11-те години колку што вкупно настапувал за овој тим, одиграл 470 натпревари и постигнал 119 голови. Како тренер, со екипата на Црвена Ѕвезда ја освоил “дуплата круна“, а после неговото заминување од тренерската позиција, со тимот кој го оставил, во првата следна сезона неговиот наследник ќе стане европски и светски шампион.

За репрезентацијата на Југославија настапил 41 пат и постигнал 6 голови. На Олимписките игри во Мелбурн во 1956 година, со репрезентацијата освоил сребрен медал. Двапати настапувал на светските фудбалски првенства, 1958 во Шведска и 1962 во Чиле, каде бил избран во идеалниот тим. Шекуларац бил еден од најзаслужните што репрезентацијата на Југославија стигнала до четвртото место на шампионатот.

Како интернационалец, настапувал во екипи од Германија, Колумбија и Франција, а кариерата ја завршил во САД, играјќи мал фудбал за екипата на Далас.