Почитувај ја функцијата, не мора личноста што ја извршува

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Поради потребата од создавање на граѓани кои ќе бидат активни учесници во политичкиот живот на Македонија, се организираат многу настани чија цел е подигање на свеста за правата и обврските на поединецот во рамките на политичкиот систем. Неодамна присуствував на еден таков настан, на кој учествуваа студенти од различни факултети и различни студиски години. Кога им беше поставено прашањето „Дали се политички активни?“, тие со негодување, сигурни во себе и дури горди за нивната “неизвалканост со политика”, веднаш одговорија како во хор: „Нееее!!!. Ние не сме членови на ниту една политичка партија!“.

Предавач на настанот за кој пишувам, беше гостин од амбасадата на САД, кој на студентите им појасни дека не мисли на тоа, туку на нивниот ангажман во делот кој им е важен. На нивното учество во креирање и критикување, со цел подобрување на јавните политики кои се однесуваат директно на нив, на студентите. Тука веќе настана негодување – не беше јасно, што сега студентите имаат да учествуваат во креирање на политики!? ПОЛИТИКАТА НЕ Е ПАРТИЈА! Ова укажува на еден од огромните пропусти во нашиот образовен систем, кој не ја развива личноста да може да расудува и делува, туку ја прави послушна на претпоставениот. Кој можеби и ги нема основните карактеристики да биде претпоставен, но, тој е на функција! Тука доаѓаме до една од најексплоатираните реченици, искажани секако како еден вид мудрост, која вели „Почитувај ја функцијата, не мора да ја почитуваш личноста што е на функција!”.

Што е функцијата без “содржина“ на личноста која ја има таа функција?

Постои логично сфаќање и на оваа реченица во позитивна конотација, но што правиме со недоразбирањата кои произлегуваат од неа? Следствено на тоа, имаме ситуација во која “било каква” личност може да извршува и многу значајни функции, а како последица на тоа да треба да е почитувана!? Се согласувам дека за брзата промена на овој вид на матрица е потребен голем општествен потенцијал, кој доколку ние го имавме, немаше да стигнеме тука кај што сме. Но сепак, имаме почетен капацитет за да можеме да ги дијагностицираме најпрво реалните проблеми, а потоа и да понудиме соодветни решенија. Решенијата не мора да произлезат од “луѓе на функција“, може да стигнат од сечиј личен капацитет. Само така ќе ни е јасно дека на тој начин и настанала функцијата – од луѓе со капацитет, кои имале свест да направат нешто за општествена корист.

Ниту едно општество кое имало многубројни “шупливи“ функции, не може да биде прогресивно. Нешто што е наша карактеристика, како држава која изобилува со функционери без личност. Може да изгледа наивно, може да не веруваме во добрина, може на некој да му звучи премногу идеалистички, може да прифатиме “кој како се снашол”… Сето тоа само ни потврдува колку сме далеку од правилното расудување, кое не’ прави резистентни на секоја неправда, нечесност, непрофесионалност и безличност.

Одговорноста кон која ние се стремиме, е сечија. Некои решението едноставно го наоѓаат надвор од земјава (намерно не велам “нашата“ земја, бидејќи одамна оваа земја е отуѓена од граѓаните), што од една страна можеби е решение, но во секој случај е застрашувачки факт.

Ние, граѓаните, не сме надвор од она што сите го поимаме како држава. Ние сме државата, а не функционерите – тие треба да бидат во служба на граѓаните! Сите ние имаме свој удел во креирањето на политики во политичкиот систем, затоа имаме и одговорност да сме политички активни. Не партиски, туку политички активни. Но, без лично достоинство, од човек не бива ниту граѓанин, ниту функционер! Ние мора да најдеме начин со кој ќе им покажеме на децата, дека “функцијата на татко им” нема да е одлучувачка доколку од тоа дете не биде човек! Ние мора да ги учиме децата што значи процес на едукација. Оти тоа не е само посетување на настава, купување поклон за 8. Март и ургенција за повисоки оценки!

Ние мора да ги научиме децата дека тие можат да учествуваат во политичките процеси, независно од партиите. Дека можат да дадат идеја која ќе биде слушната и прифатена, само доколку е општествено корисна! Ние мора да ги научиме децата дека не смеат да дозволат да бидат послушници на “празниот“ функционер! А ние… ние мора да научиме да го цениме човекот! Само така ќе бидеме достојни да се размножуваме и да оставаме некаква идеја или цел на идните генерации. Во спротивно, само мултиплицираме изгубени генерации, за кои и “странство” нема да е никаков спас за да постигнат достоинствен живот!

Прочитајте повеќе

Ковачевски: СДСМ ќе ја внесе Северна Македонија во ЕУ и ќе ги зачува вредностите на ЕУ дома

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска заедно со заменик претседателката на СДСМ, …