Градоначалникот Илија Јованоски и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска присуствуваа на почетокот на асфалтирањето на патот Лагово-Витолиште.

„На потегот од с.Крушејца до с.Штавица се врши рехабилитација на патот во должина од над 7 км, за што Владата издвои околу 40 милиони денари. Патот е од голема важност, затоа што добар дел од граѓаните гравитираат кон Мариовскиот крај. Голем дел од граѓаните таму имаа викендички, имаат свој имот, многумина од нив се занимаваат со сточарство, пчеларство. Патот е од витално значење за општина Прилеп и сигурен сум дека нашите граѓани ќе имаат бенефит од регионалниот пат“, изјави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Министерот Сугарески истакна дека уредувањето на инфраструктурата е врвен приоритет на македонската Влада и Министерството за транспорт и врски. Градежните работи се во полн ек и, како што рече Сугарески, се очекува согласно динамиката, сите планирани активности успешно да бидат завршени до крајот на градежната сезона.

„Се работи за исклучително важен пат за Мариовскиот дел. Согласно динамиката која што ја договаравме со претставниците на ‘Македонија пат’, очекуваме дека ќе има забрзување на работата и дека во извесен временски период, во целост ќе бидат завршени планираните активности. Сакам уште еднаш да потенцирам дека во овој период, во Прилеп и регионот беа инвестирани огромни средства. Направени се голем број патишта: патот од Прилеп до вештачкото езеро, регионалниот пат од Битола преку Тополчани до Прилеп, во финална фаза е постојниот пат од Фариш до Дреново. Направен е патот од Волково до манастирот над село Прилепец, работме на клучката кај ТИРЗ ‘Прилеп’, а Владата работеше и во делот на ИКТ центарот, кој што е важен за регионот, но и за државата. Кога на тоа ќе го додадеме она што Општината го работи во делот на инвестирање во локални патишта и улици, можам да кажам дека имаме исклучително задоволителна градежна сезона“, потенцираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Сугарески нагласи дека за изградба и реконструкција на локални патишта и улици во Прилеп, од Министерството за транспорт и врски обезбедени се 1.2 милиони, што е уште еден показател за поддршката кога Општината ја има како од Министерството, така и од Владата.