Почна карневалот „Прочка 2019“ со изложба на маски

Со традиционална изложба на маски во фоајето на центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска е означен почетокот на карневалот „Прочка“ во Прилеп. Преку 1000 креативни маски од различни материјали изработија учениците од прилепските училишта под менторство на своите наставници по ликовно воспитување. Шареноликост, идејност, креативност и инвентивност ги одликуваат годинешните маски, коишто според оценките на жирито оваа изложба прават да биде многу подобра од претходните.

„Најмногу ги користиме природните материјали, со цел да се задржи традиционалниот елемент. Маските се прекрасни со голем квалитет, секоја година учениците се подобри во креативноста. Голем придонес имаат и наставниците кои што даваат поддршка на оваа манифестација, која што пак значи негување на традициите“, изјави Марта Макеска, професорка по ликовно воспитување.

Градоначалникот Илија Јованоски, честитајќи им ги наградите на најдобрите, ги покани сите да бидат дел од годинешниот карневал „Прочка 2019“.

„На сите учесници им честитам, а најмногу на наградените. Оваа изложба е почеток на годинешниот карневал, којшто продолжува викендов. Прилеп и Општина Прилеп се спремни за пречек на сите над 600 гости, коишто ќе учествуваат во прекрасните дефилеа на поединечни и групни маски. Годинава ќе имаме и модерна маска ‘Статуа фест’, која што ќе биде презентирана на неколку пунктови во градот. Со интерактивност на учесниците и посетителите, ќе се даде посебен шмек на карневалот“, рече градоначалникот Јованоски.

Тој ги покани сите љубители на карневалите од државата, овој викенд да бидат во Прилеп.

Како што истакнува Ванчо Георгиев, целта на оваа изложба е да се мотивираат младите, по некоја година да земат учество во карневалот, градејќи континуитет и квалитет во опстојот на оваа културна манифестација.

„Годинава имаме театар на отворено. За прв пат ќе видиме нешто модерно, современо, светско. Денеска веќе пристигнаа првите гости, а викендов очекуваме гости од повеќе балкански земји. Прилеп е горд на овој карневал. Секоја и оваа година ќе има креативни, алегорични маски, кои пренесуваат сериозни пораки, при што не дозволуваме изживување со животни. Испраќаме порака за заштита на животните“, рече Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“, коешто заедно со Општина Прилеп е организатор на оваа манифестација.

Карневалот „Прочка“ годинава одбележува полнолетство, 18 години, креативен континуитет, и промоција на традицијата и културата во државата и странство.

Манифестацијата продолжува утре, во центарот на градот, со дефиле на групните маски, од прилепските основни и средни училишта, а во недела ќе се одржи натпреварувачкиот дел на преку 600 поединечни и групни маски од земјава и странство, коишто ќе се натпреваруваат за престижните награди.

Оценувачката комисија за маските што ќе ги носат учесниците на карневалот ја сочинуваат: Благоја Атанасоски, Габриела Николоска, Рубин Белчески, Хилда Црнеска и Лилјана Неделкоска.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …