Сенатот на САД денеска формално го отвори процесот за импичмент на претседателот Доналд Трамп, откако Претставничкиот дом вчера изгласа резолуцијата формално да биде испратена во горниот дом на Конгресот, а именувани се и членови на Претставничкиот дом кои ќе ја застапуваат резолуцијата во постапката, пренесува Гласот на Америка.

Членовите на Претставничкиот дом, таканаречените „менаџери“, церемонијално ја внесоа резолуцијата за отповикување во Сенатот. Таа резолуција ќе има улога на „обвинение“ во понатамошниот процес против претседателот Доналд Трамп.

По внесувањето на резолуцијата, лидерот на тимот составен од демократските „менаџери“ Адам Шиф, на глас ја прочита нејзината содржина. Претставничкиот дом во декември го изгласа отповикувањето на претседателот заради злоупотреба на службената положба и опструкција на Конгресот.

Со седницата привремено ќе претседава највозрасниот претставник на републиканското мнозинство, конгресменот Чак Гресли.

Бидејќи на глас беше прочитана резолуцијата за отповикување, Сенатот формално ја прифати и во продолжение ќе следува давање заклетва на судијата претседавач и на поротниците.

Судијата претседавач на Врховниот суд Џон Робертс ќе даде заклетва во текот на денот, а потоа тоа се очекува да го направат стотина сенатори.

Судењето на Доналд Трамп би требало да започне во вторник на 21 јануари.

Судењето на претседателот не е кривичен процес, а не се кривични ниту потенцијалните казни.

Резолуцијата за отповикување е „обвинение“ кое ќе го застапуваат „менаџерите“ на Претставничкиот дом кои имаат улога на обвинители. Белата куќа има своја одбрана – претседателот Трамп ќе го застапуваат адвокатите Пет Сиполони и Џеј Секулов.

Сенаторите се поротници, а со процесот претседава судијата претседавач во Врховниот суд.

Правилата на судењето ги одредува мнозинството, па така и сега републиканците ќе одлучуваат за тоа дали на судењето ќе бидат изведени и сведоци, на што инсистираат демократите. За да се усвојат правилата потребно е просто мнозинство од 51 глас.

Поранешниот советник на Трамп за национална безбедност Џон Болтон посочи дека ќе одговори на обврзувачкиот повик за сведочење од Сенатот.

Претседателот може да биде разрешен од должноста доколку за тоа гласаат две третини (67) од стотина сенатори, што е малку вероватно, бидејќи мнозинството во Сенатот го имаат републиканците.

Извор: Радио Слободна Европа