На 5 и на 6 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени ќе се одржи јубилејното, 45-то издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. фестивалот почнува со работилницата на 1-ви јули за изучување на изворните песни и инструменти во Спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени.

Годинава, на јубилејното издание на Фестивалот ќе учествуваат околу 350 изведувачи на изворните инструменти, гајдата, кавалот, тапанот и на изворните песни од цела Македонија и учесници од Бугарија. Фестивалот на програмата го враќа традиционалното Дефиле на учесниците,  низ улиците на Прилеп.

Според програмата, на семинарот за изучување на изворните инструменти и песни кој од 1 до 5 јули ќе се одржи во Спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени ќе учествуваат 13-ина млади, вљубеници во изворниот мелос, а семинарот ќе го води м-р, етнологот, Горан Василески. За разлика од досега, Семинарот ќе се одржува теренски. Ќе се посети работилница за изработка на изворните инструменти како и средините во Долнени и во Прилеп каде со векови се негувал изворниот мелос. Младите учесници и лани беа дел од Семинарот, на возраст од 12 до 15 години, а годинава ќе ги усовршуват знаењата и познавањата за богатиот изворен македонски фолклор.

Официјалното отворање на фестивалот е в петок, на 5. јули. Од 19 часот во центарот на Прилеп е традиционалното Дефиле на учесниците, кои пред граѓаните ќе ги навестат Фестивалот и својата умешност во изучувањето и зачувувањето на изворниот мелос. Фестивалот свечено ќе биде отворен од 20 часот, што е и првата фестивалска вечер на летната сцена на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп, каде пред вљубениците на изворниот мелос ќе се претстават дел од учесниците.

В сабота, на 7. јули, од 11 часот во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков’ во Прилеп ќе се одржи симпозиум со еминентни научни работници на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Воедно, ќе биде промовиран и Зборникот на трудови на етнолози и научни работници за изворниот мелос.

В сабота, од 19 часот  на Рудина кај Долнени е втората фестивалска вечер каде ќе настапат учесниците на ова, јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. На крјаот, ќе бидат прогласени најдобрите и ќе биде врачена наградата за најдобар гајдаџија, гајдата на Пеце Атанасовски што ја доделува општина Долнени.

За сите заинтересирани за следењето на Фестивалот на Рудина кај Долнени е организиран бесплатен превоз. Тргнувањето е в сабота на 7 јули од 18 часот пред Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

– И на ова јубилејно издание на единствениот од ваков вид Фестивал во земјава ќе се потврди фактот дека улогата на Фестивалот е да го зачува, да го негува и да ја поттикне љубовта кај новите генерации за богатиот изворен македонски мелос, дел од богатото фолклорно културно наследство на Македонија, нагласува професор д-р Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.