Националната конвенција на Демократската партија на САД започнува денеска (19 август) во Чикаго, Илиноис, каде делегати и лидери на партијата ќе се соберат во спортската сала „Јунајтед Центар“, по неколку бурни недели во кои партијата го замени својот претседателски кандидат.
Џо Бајден одлучи да се повлече од кампањата, а на негово место брзо беше номинирана потпретседателката Камала Харис. Овие промени значително ја изменија предизборната битка против кандидатот на Републиканската партија и поранешен претседател Доналд Трамп.
Промените во кампањата наложуваат и измена на предизборната платформа, која демократите ќе ја усвојат пред почетокот на Националниот конгрес. Конгресот ќе трае до четврток, а секоја вечер ќе се пренесуваат говори и други настани на телевизија.
Иако комплетниот дневен ред не е објавен, се очекува Харис, кандидатката за потпретседател, гувернерот на Минесота Тим Валц, Бајден, поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон, како и Хилари Клинтон и поранешната прва дама Мишел Обама, да одржат говори кои ќе бидат емитувани во вечерните програми.
Во Чикаго се очекуваат протести против поддршката на администрацијата на Бајден за Израел во војната со Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација. Полицијата тврди дека е подготвена и дека многу од нив се обучени за деескалација на тензиите.
Се очекува Харис да ја прифати номинацијата в четврток навечер, а Валц ден порано.
На 10 септември, три недели по завршувањето на конгресот, Харис и Трамп ќе се соочат во дебата организирана од телевизијата Еј Би Си Њуз. Валц и неговиот републикански противкандидат Џеј Ди Ванс исто така ќе имаат телевизиска дебата на 1 октомври.
Извор: РСЕ