Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, четворица пратеници, оперскиот пејач Игор Дурловски, твитерџијата Богдан Илиевски, режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски, Александар Василевски-Нинџа, денеска ќе седнат на обвинителна клупа, заедно со уште дваесетина други обвинети за крвавото насилство во Собранието на 27 април 2017 година, кога беа нападнати и тешко повредени пратеници, новинари и членови на обезбедувањето.

Процесот ќе го води судијката Добрила Кацарска, која досега закажа 37 последователни термини за главната расправа.

Обвинител ќе биде Вилма Русковска, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Најголемиот дел од 32-та обвинети се товарат за  терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а две лица за помагање. Во бегство единствено е Дејан Давидовски – Дешо.

Од обвинетите, 11 се во притвор, 13 се во куќен притвор, а осуммина имаат мерки за претпазливост и гаранции.

Извор: МЕТА