Подобро е децата да бидат во училница

Подобро е децата да бидат во училница

Тенденција во европските земји е наставата да се врати во училиштата. Дел почнуваат со настава од денеска, дел од средината на септември. Македонските ученици бараат комбиниран модел.

Новата учебна година ќе биде тешка за Европа поради пандемијата на коронавирусот. Според досегашните податоци од здравствените студии, доколку се почитуваат здравствените протоколи, училниците не можат да бидат значаен извор на инфекција. Тие се оценети како многу помалку опасни во споредба со други места на собири каде учениците би се среќавале (кафулиња, дискотеки) ако им се ускратени социјалните контакти заради онлајн настава. Од тие, но пред се, од едукативни причини, тенденција во европските земји е наставата да се врати во училиштата.

Според европската комесарка за здравство, Стела Киријакидис, отварањето на училиштата не се очекува да доведе до зголемување на заразата со коронавирус.

„Студиите во неколку земји на ЕУ покажаа дека дека пренесувањето на вирусот од дете на дете во училиштата е реткост. Според податоците што ги имаме, доколку се воведат добри мерки за превенција како што е растојанието помеѓу учениците и тие да се поделени во групи, малку е вројатно дека училиштата ќе се покажат како поголем извор на инфекција отколку некои други места. Имено, на тоа се надеваме и ние“, оценила Киријакидис.

Првиот ден Царовска соочена со протест

На новата македонската министерка за образование и наука, Мила Царовска, вчера првиот работен ден и започна со протест на Унијата на средношколци, кои бараат да се воведат модели за комбинирано учење во зависност од епидемиолошките услови, а не целосна онлајн настава. Царовска вчера имала средба и со нив, и со родители, по што нејзиниот став го образложи на Фејсбук.

„Врвен приоритет е започнувањето на училишната година на први октомври, за што како Влада нудиме комбиниран модел за настава. Во училиштата каде се исполнети условите од протоколите, наставата може да почне со физичко присуство, а таму каде нема услови, часовите ќе се следат онлајн. За овој, но и за другите предизвици во образованието, денес разговарав на два состанока, едниот со средношколците, а другиот со родителите. Учениците, наставниците и родителите ќе бидат наши постојани и рамноправни партнери во сите реформски процеси“, напиша Царовска.

Маски и дополнителни наставници

Прашањето како да започне учебната година не е само македонски проблем. Дилеми и ставови „за“ и „против“ настава со физичко присуство во училиштата има во сите европски земји. За начинот на кој ќе се одвива наставата во време на пандемија од Ковид -19, оваа недела ќе разговараат европските земји-членки на СЗО, а повторно и во средината на септември, кога во голем број од нив е планиран почеток на наставата во училиштата. Грција денеска треба да ги објави мерките, а според весникот „Катимерини“, училиштата најверојатно ќе бидат отворени на 14-ти септември. Она што е извесно, е дека на учениците нема да им биде дозволено да одат на училиште без маска.

„Ако ученикот одбие да носи маска или родителите го охрабруваат во тоа, ќе бидат преземени сите педагошки мерки“, најавила грчката министерка за образование, Ники Керамеус. Властите издвоиле 6,2 милиони евра за да купат маски за наставниците и учениците, со цел тие да бидат бесплатни и достапни од првиот ден. Националната организација за јавно здравје работи на вкупно 15 мерки што треба да бидат објавени во наредните денови.

Италија, првото жариште на корона вирусот во Европа, привремено ангажирала дополнителни 40.000 наставници, заради настава во изменети услови и помали групи. И таму многу родители и наставници сѐ уште не се сигурни како ќе се одвива наставата кога повеќе од училиштата ќе се отворат на 14-ти септември: дали оние со поголем број ученици ќе можат да обезбедат нужно растојание од еден метар помеѓу учениците? Во Италија од денес некои ученици ќе имаат и предвремени часови за да го надоместат пропуштениот наставен материјал. Но, останува големата неизвесност – напредокот на епидемијата, откако е зголемена инциденцата на инфекција, особено кај младите луѓе кои се враќаат од одмор.

Во услови на неочекуван нов бран на инфекции, и властите во сериозно погодената Шпанија се борат да ги утврдат плановите за отворање на училиштата на 4-ти септември. Тоа вклучува вработување на 10.000 дополнителни наставници, и градење на импровизирани училници во училишните дворови за да се добие простор. Шестгодишните ученици ќе мора да носат маски на час. Тие ќе треба да одржуваат растојание од 1,5 метар, а сите основци ќе бидат поделени во помали групи за настава и одмор.

„Затворањето на училиштата ќе биде последната можна мерка“, најавил шпанскиот министер за здравство, Салвадор Ија, додавајќи дека случаите ќе се разгледуваат индивидуално. Сепак, синдикатите на наставниците го критикувале недостигот на средства за превентива и повикале на штрајкови.

Важноста на образованието

Европските лидери од сите бои на политичкиот спектар испраќаат унифицирана порака: „Дури и во пандемија, подобро е децата да бидат на час“, пренесе Асошиејтед прес. Францускиот премиер Жан Кастекс ветил дека „ќе стори сé што може“ за да ги врати учениците и наставниците во училиште. Но, француски лекари вчера го критикувале планираното отворање на училишта од денеска. „Правилата планирани за почетокот на учебната година на први септември не ги штитат ниту вработените, ниту учениците и нивните семејства“, реагирале тие во отворено писмо објавено во неделното издание на дневниот весник „Паризиен“. Лекарите бараат задолжително носење маска од страна на секој ученик над шест години, додавајќи дека планираните мерки не се доволни за да се запре актуелно зголемување на случаите на инфекција.

Британскиот премиер Борис Џонсон го опиша отворањето на училиштата како „морална должност“, а неговата влада се закани и со парични казни за родителите кои ќе ги оставаат децата дома. Италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца ги затворил дискотеките со единствена цел „училиштата во септември да се отворат со целосна безбедност“.

„Не можеме да ги отвориме општества без претходно да ги отвориме училишта“, изјави минатата недела регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација (СЗО), Ханс Клуге.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …