Полицијата спроведува претреси на повеќе локации во Скопје и Штип во рамки на истрагата за злоупотреба на службената положба и неовластено навлегување во компјутерски систем на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД). Главен осомничен во овој кривичен случај е раководителот на информатичкиот сектор на штипскиот универзитет, со иницијали Р.Т.
Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека акцијата се одвива по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, но засега не открива дополнителни детали за обемот и мотивите за злоупотребите.
Како што пренесува порталот Мета.мк, по првичните информации за полициската акција, со официјално соопштение се огласи и самиот универзитет, потврдувајќи дека е овозможена целосна соработка со МВР и обвинителството за брзо расчистување на настанот. Од УГД упатија порака за смирување до студентите и наставниот кадар, нагласувајќи дека остануваат посветени на транспарентноста и институционалниот интегритет и дека активно работат на сузбивање на ваквите девијантни појави.
„УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени“, се наведува во реакцијата на универзитетот, со гаранција дека наставниот процес и академските обврски продолжуваат непречено.
Прочитајте повеќе вести во рубриката „Македонија“ на Публикум.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место