Високо-профилни, понекогаш смртоносни и потенцијално неуставни постапувања од страна на сојузните службеници за имиграција на САД, би можеле да ги променат ставовите на Американците за една од централните политики на Доналд Трамп.
Имиграцијата е централен дел од платформата на американскиот претседател за повеќе од една деценија политички живот и беше клучна за неговата изборна кампања во 2024 година. Но, анкетите покажуваат дека јавното мислење е променето заради широко распространетите операции на Службата за имиграција и царинска контрола (ИЦЕ) и други сојузни агенти во урбаните средини. Во тие рамки месецов беа убиени двајца американски државјани во Минеаполис.
Анкета на Ројтерс/Ипсос објавена на почетокот на неделава по локално време, во која анкетирани имаше пред и по убиството на болничарот на одделот за интензивна нега Алекс Прети, покажува дека 53 проценти од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со имиграцијата, во споредба со 39 проценти на првиот ден од неговиот нов мандат во јануари 2025 година. Неговото справување со имиграцијата го одобруваат 39 проценти, што е намалување од максимално достигнатите 50 проценти во февруари 2025 година.
Партиската припадност сè уште игра улога – Републиканците начелно ги поддржуваат активностите на ИЦЕ, додека 9 од 10 демократи не ги одобруваат мерките. Но, речиси две третини од гласачите кои не се изјасниле која партија ја поддржуваат, велат дека активностите на ИЦЕ отишле предалеку. ИЦЕ одамна има задача да идентификува и апси нерегистрирани имигранти, но за време на вториот мандат на Трамп, активностите на службата се предмет на протести, одговорност пред јавноста и кампањи за мониторинг, како и зголемени тензии на улиците. Тоа е спој на неколку фактори без преседан во историјата на ИЦЕ, наведува Келси Норман, директор на Програмата за женски права, човекови права и програма за бегалци при Институтот за јавна политика Бејкер во САД. Тоа го вклучува и присуството на службеници на ИЦЕ во големите градови, личната цел на Доналд Трамп од еден милион депортации, наглото зголемување на финансирањето на службата и регрутирањето на службеници, како и документираното насилно, а сега и смртоносно постапување на службата на улиците. „Многу од овие милитаризирани постапувања постоеле во рамки на службата за спроведување на законите за имиграција“, вели Норман за ДВ и додава оти работата е „што тие биле распоредени само на границата каде што не го добивале нужно јавното внимание како сега“.
Предизвик за длабоко вкоренетите вредности на Америка
Смртта на Рене Гуд и Алекс Прети го привлече глобалното внимание врз распоредувањето на ИЦЕ во американските градови. (Прети беше застрелан и убиен од страна на агенти на граничната патрола за време на протест против ИЦЕ). За обичните Американци, постапувањата фрлаат светло врз други потенцијални ризици, не само можноста за употреба на смртоносна сила против граѓаните. Валтер Олсон, виш соработник во институтот Като, тинк-тенк организација со седиште во САД, вели дека има докази оти постапките на ИЦЕ ги кршат граѓанските права утврдени во Уставот на САД и Повелбата за граѓански права. Олсон за ДВ вели дека има очигледни кршења на правата за „претрес и заплена“ од Четвртиот амандман, во ситуации кога ИЦЕ влегуваат во домови без налози за претрес потпишани од судија. Повредени се и слободи гарантирани на американски, но и на други државјани, наведува тој. „Видовме повеќе очигледни кршења на правата за претрес и заплена, вклучително и кршење врати на сопствениците на домови“, посочува Олсон за ДВ. „Во други многу побројни случаи, иако помалку драматични, уставните права за тоа кога полицијата всушност смее да ве запре на улица“ исто така се повредени.
Изјави по смртта на Прети од истакнати функционери и поддржувачи на администрацијата на Трамп, исто така фрлија светло врз Вториот амандман, кој им дава на поединците право да носат оружје. Прети имал дозвола за носење на оружје во државата Минесота. Ниту едно од многуте видеа од неговото убиство не покажува тој да вади огнено оружје, но клучни фигури од администрацијата наведуваат дека Прети не требало да носи оружје на протестот. Таквиот резон наидува на отпор во Републиканската партија и другите конзервативни движења, кои укажуваат на уставната заштита. „Нашиот Втор амандман е многу ценет од американската конзервативна страна на спектарот и тоа со децении“, вели Олсон. „Администрацијата на Трамп излегува и вели дека не треба да се носи оружје на улица, или никогаш да не се носи огнено оружје на демонстрации, дури и ако – и ќе ја цитирам ситуацијата во Минесота – вашата држава го дозволува тоа, дури и ако имате дозвола оружјето да го носите прикриено, дури и ако никогаш не го извадите оружјето или не се фалите со него“, вели Олсон. „Ова е пресврт од 180 степени во однос на досегашната позиција на конзервативците“, додава тој. Американските граѓани веројатно размислуваат што тоа ќе значи за иднината. Според Олсон, обичните Американци се прашуваат дали смее вака да се постапува во кампањата против имигрантите, каде на друго место би можело да се случува истово и кога кампањата ќе се сврти кон луѓе кои се сметаат за субверзивни или „неамерикански“. Актуелните постапувања без преседан во една демократија, вклучително и мандатот на ИЦЕ и улогата во спроведување на законите за имиграција, се развиваа и менуваа за време на дведецениското постоење на Службата, но операциите за време на мандатот на Трамп се без преседан не само во САД, туку и во други демократии, вели Норман за ДВ. Често надвор од видното поле, спроведувајќи гранични операции за време на претходните влади, вклучувајќи го и првиот мандат на Трамп, поместувањето кон северните градови, сојузните службеници со маскирани лица ги смести во густо населени области каде што секој има телефон со камера и може да ги следи и документира нивните активности. Тоа овозможи поголемо внимание во постапувањето на Трамп во вториот мандат и фрли светло врз некои поекстремни тактики на неговите агенти. „Тактиките што ги користи ИЦЕ се нешта што би ги виделе кај полицијата во доста авторитарни земји“, вели Норман.
Кој е следен?
Употребата на сила, вклучително и солзавец и бибер спреј против минувачи и барања за одговорност на локално ниво, го привлече вниманието и на меѓународни полициски здруженија, вклучително и на Меѓународното здружение на началници во полицијата. Од таму објавија соопштение во кое ја повикуваат Белата куќа службениците за спроведување на законот на сите нивоа да „поддржат мирно, законско постапување и политики засновани на докажана пракса“. Набљудувачи претходно изразија загриженост во врска со масовното регрутирање, што би можело да значи дека многу службеници на ИЦЕ работат без да се доволно обучени. Актуелните тензии би можеле да ги сменат јавните ставови за квалитетот и професионалноста на речиси 18 илјади агенции за спроведување на законот во САД, наведува Кети О’Тул, партнер во 21 ЦП Солуција, консултантска компанија настаната во времето на Обама. О’Тул, поранешна началничка на полицијата во Бостон и Сиетл, вели дека локалната полиција веројатно ќе мора да се справи со последиците од сегашните контроверзии. „Во неколку од големите градови сега има толку многу тензии меѓу сојузните и локалните органи за спроведување на законот, што тоа никому веäе не му е од корист“, вели О’Тул за ДВ. „Ако се случи трагедија во заедницата предизвикана од органите за спроведување на законот, луѓето не мора нужно да разликуваат меѓу сојузните органи за спроведување на законот и државните или локалните“, вели таа. „Ако погледнете што се случува во Минеаполис и некои од овие други големи градови со демонстрациите, локалната полиција мора да се справува со последиците“, заклучува О’Тул.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место