Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ доминирала во емитувањето на политички реклами на телевизиите за време на изборната кампања, додека коалицијата „Обнова“ на ВМРО-ДПМНЕ свртела најмногу политички реклами на радио-станиците. Ова го покажува Извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање на програмите на радиодифузерите за време на кампањата за изборите на 15 јули, којшто Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) веќе го усвои на седницата одржана на 30 јули.

Од вкупно 96 радиодифузери што се регистрирале во ДИК за емитување платено политичко рекламирање, договори за емитување политички реклами во кампањата склучиле 38 телевизии и 31 радио-станица.

На телевизиите биле емитувани политички реклами во вкупно времетраење од 367 часа, 55 минути и 46 секунди, при што најголем дел од просторот за реклами го искористила коалицијата „Можеме“ со емитувани 129 часа, 5 минути и 4 секунди и партијата ДУИ, чии реклами во изборната кампања имале траење од 116 часа, 45 минути и 2 секунди. Коалицијата „Обнова“ на телевизиите емитувала политички реклами во траење од 76 часа, 3 минути и 53 секунди.

Најмногу реклами за време на изборната кампања се прикажале на националните телевизиски канали, кои имаат и најголема гледаност меѓу граѓаните. Најмногу време било закупено на телевизија „Сител“ (36 часа, 16 минути и 2 секунди), „Канал 5“ (36 часа, 13 минути и 29 секунди) и „Алсат-М“ (33 часа, 46 минути и 20 секунди).

Кај емитувањето платено политичко рекламирање на радио-станиците, доминирала коалицијата „Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која од вкупно емитувани 102 часа, 14 минути и 12 секунди на сите партии закупила дури 57 часа, 4 минути и 21 секунда. Коалицијата „Можеме“ емитувала реклами на радио во траење од 24 часа, 18 минути и 48 секунди.

Од ААВМУ во Извештајот за мониторингот на платеното политичко рекламирање упатуваат критики за честите промени на дозволеното време за платено политичко рекламирање, кое се променило дури три пати од денот на распишување на изборите до почетокот на изборната кампања.

„Со огромни заложби од страна на Агенцијата, постојано да ги информира радиодифузерите за сите промени во регулативата и веднаш да одговара на нивните прашања и дилеми, за првпат за време на изборна кампања не беа констатирани прекршувања за лимитите за платено политичко рекламирање“, се вели во Извештајот на ААВМУ.

Од Агенцијата бараат измени на изборната регулатива во делот на платеното политичко рекламирање, бидејќи одредбите не обезбедуваат еднакви услови за пристап на сите учесници во изборниот процес. ААВМУ смета дека се наметнуваат детални и нереални правила околу цените на рекламирањето, а одговорноста за емитувањето на рекламите не е кај учесниците во кампањата, туку кај медиумите.

„Самото финансирање на политичкото рекламирање со средства од Буџетот на државата, креира можности за создавање нови клиентелистички врски меѓу политичките партии и медиумите“, констатираат од ААВМУ.

„Мета.мк“ веќе пишуваше за критиките во однос на платеното политичко рекламирање, за кое политичките партии и на овие избори добија финансиски средства од државниот буџет.

Извор: МЕТА