Политиканти, манипуланти и останати преваранти

Политиканти, манипуланти и останати преваранти

Пишува: Зоран Милошески

Ќе ги сретнете во владините институции и највисокиот законодавен дом, во општинските совети и локалните самоуправи, во опозициските редови и граѓанските здруженија, во разните формални, неформални и “независни“ групи… секаде каде директно “мириса“ на политика, а индиректно на пари.

Со политика… пардон, со политиканство се занимаваат заради една единствена цел – остварување личен профит. Ја избираат политиката, затоа што согласно нивните професионални, етички и морални квалитети, тоа им се чини како најлесен начин да дојдат до пари. А бидејќи кај нас од политика и спорт нема кој не се разбира, ете им шанса на дланка!

Како политички печалбари, стапуваат на сцена пред секои избори и траат до следните, кога настапуваат во видоизменета форма: од една преминале во друга партија, од политички експоненти „еволуирале“ во граѓански активисти. Немаат идеологија, туку само математика и равенка со една непозната – како да се профитира?

Ги окупираат институциите, без срам и перде им влегуваат под кожа на министрите, замениците, градоначалниците, во нужност коалицираат и со самиот ѓавол. Макијавели е нивниот „духовен водач“ – секое средство ја оправдува нивната цел. До која еднаш идат со умилкување, друг пат со лигавење, трет пат со уцена. Применуваат и други резервни и „дискретни“ форми на градење кариера и правење пари. Кои, заради сензитивноста на содржината, не се за оние “- 18“.

Осведочени квазиинтелектуалци, маргиналци и медиокритети. Единствениот адут им е дарбата за манипулација со „широките народни маси“. Арогантни а празни, слаткоречиви а злобни. По правило „онеправдани, неразбрани и жртви на власта“. На секоја власт, дури и на онаа во која и самите партиципираат.

Милуваат да ја играат улогата на хуманитарци и филантропи. „Сочувствуваат“ со туѓата несреќа која, всушност, и не допира до нив. Будно ги следат актуелните теми од кои можат лесно да профитираат. Последниве години трендовски се “преоблечени“ во бранители на животната средина. Секаде каде против загадувањето протестираат повеќе од двајца, тие се „третиот човек“. На секоја таква средба „спонтано“ се приклучуваат, се сликаат и во секунда сликите ги објавуваат на социјалните мрежи. После што следува очекуваниот повратен ефект од егзалтираните обожаватели: „Само ти си за народ“, „Нема живот без тебе“, „Блазе мајка што те роди“…

Обично, не ја познаваат суштината на проблемот, но тоа не им смета надолго и нашироко да дебатираат. Да зборуваат многу, а да не кажат ништо. Освен да го вперат прстот во оној кој, според нивната субјективна “експертска“ процена, треба да “виси“.

Јавните настапи им зрачат со театралност: наместени фаци кои треба да го зајакнат комплетниот впечаток, да ги разбудат емоциите и страстите кај аудиториумот. Дуче е нивниот Цицерон. Знаат тие дека мнозинството паѓа на евтини зборови и простачки финти – колку поедноставни, порурални и полесно читливи, толку поголема „поснопица“ од новостекнати обожаватели. И што е поважно, потенцијални гласачи. Оти во нивните очи сите останати не се личности, ами бројки од избирачкиот список чии гласови по секоја цена треба да стигнат во гласачката кутија. Се разбира, на нивно конто.

Во суштина, основата на нивниот политички карактер е најстариот занает на светот. По правило, се опкружуваат со полуписмени и подпросечни послушници – безопасни по нивните планови и амбиции, лесни за “навивање“, уште полесни за контрола.

За народот… од народот… во име на народот… Ветер во магла! Не верувајте им на Данајците и дарови кога носат!

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …