„Политико“ ги критикува еврокомесарот Вархеи и Европската народна партија дека се „меки“ кон Борисов и Софија

Во анализата на работата на Европската комисија за годинава, „Политико“ се осврнува и на работењето на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и бугарската блокада на почетокот на преговорите за влез во ЕУ на Северна Македонија. Според угледниот онлајн медиум, Вархеји, како и евопската групација на десничарски партии наречена „Европска народна партија“ (ЕПП) не се спротивставиле доволно силно на ваквата блокада. Инаку и партијата на Вархеји од Унгарија, „Фидеш“, и партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, се членки на ЕПП.

Во анализата на најдобрите и најлошите моменти кога станува збор за соседството и проширувањето на ЕУ, како и на тоа што следува, „Политико“ за најлош момент ја смета токму блокадата од Бугарија.

„Блокадата на Бугарија за почнување на преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија, поради билатералниот спор околу јазикот и идентитетот, ѝ зададе удар на Комисијата, чија цел беше да ги стартува преговорите до крајот на годинава. Некои дипломати го обвинуваат Вархеји дека е премногу мек кон Софија, но повеќето велат дека главниот проблем е што ЕПП не беше доволно тврда кон бугарскиот премиер Бојко Борисов. Вархеји е критикуван дека повеќе е наклонет кон унгарските интереси отколку кон интересите на ЕУ како целина“, пишува „Политико“.

Клучен играч во обидот за отстранување на блокадата меѓу Бугарија и Северна Македонија е германското претседателство, а не Вархеји. „Политико“ пишува дека Вархеји ќе биде оценет единствено по тоа дали земјите кои ги почнале преговорите, како Србија и Црна Гора, ќе се придвижат поблиску до ЕУ во рамки на неговиот мандат.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …