Седум општини од Полошкиот регион потрошиле близу 340 илјади евра за одржување на патиштата во текот на зимата 2024-2025 година. Portalb.mk ги истражуваше склучените договори за оваа намена и произлезе дека и покрај тоа што потрошила најмногу пари, и тоа 120 илјади евра, Општина Тетово не го објавила договорот во онлајн системот за јавните набавки. Гостивар е втор по трошоците за чистење на снегот. Компаниите кои ќе го чистат снегот во Полошкиот регион се редовни клиенти на општините каде што го добиле тендерот, често пати за различни работи.
Изгледа дека зимата е омилена сезона за компаниите кои се занимаваат со чистење на патиштата од снегот, особено за оние кои се блиски до локалната власт. За оваа намена се издвојуваат големи суми пари, а зимата трае неколку дена.
Многу „мултифункционални“ компании во Полошки регион
Поголемиот дел од компаниите кои се занимаваат со чистење на патиштата од снегот се редовни клиенти на соодветните општини. Дел од нив во изминатиот период добиваа тендери за асфалтирање на патиштата, за санирање на дефектите во водоводната мрежа и за одржување на семафорите.
Најголем дел од компаниите што го добија тендерот за чистење на патиштата имаат по еден или двајца пријавени вработени лица.
Општина Тетово
Тетово има потрошено вкупно 7.4 милиони денари или 128.409 евра за зимско одржување на патиштата. За чистување на патиштата од снегот 80.459 евра, а за снабдување со сол и песок 47.950 евра.
Portalb податоците за тоа ги обезбеди од извори во Општина Тетово по неколку обиди, бидејќи договорот не бил објавен во онлајн системот за јавните набавки и покрај законската обврска.
Компанијата која го доби овој тендер е „Еко-пеу“ која е основана истата година кога за градоначалник беше избран Билал Касами, а е една од трите компании во сопственост на семејството Бајрами, кои се добитници на тендери со милионски суми од Општина Тетово.
Portalb.mk претходно пишуваше за бизнис мрежата на семејството Бајрами.
Не се знае дали имало други понудувачи, но според историјата на минатите тендери, „Еко-пеу“ очигледно е една од омилените компании на Општина Тетово. Компанијата која има само шест вработени лица, има добиено десетици тендери од оваа општина за различни работи, како асфалтирање на патиштата, нови водоводни приклучоци и изградба на кружните текови.
На пример, само во текот на 2023 година, оваа компанија од Општина Тетово добила вкупно 9 тендери во вредност од 981.427 евра.

Општина Гостивар
Гостивар потрошил вкупно 5.9 милиони денари или 95.913 евра за одржување на патиштата и снабдување со сол и песок во текот на зимата.
Ниту Општина Гостивар го немаше објавено договорот во онлајн системот за јавните набавки, тоа е направено еден ден откако го побара Portalb.
Компанијата која го доби овој тендер е „Магнум транс“, исто така редовен клиент на Општина Гостивар, а во изминатиот период се занимаваше со асфалтирање на патиштата, градење на мостовите, рушење на објектите, и слично.
И покрај тоа што сумата на тендерот може да изгледа висока, само оваа компанија беше пријавена на огласот на Општина Гостивар, односно немаше други понудувачи.

Општина Желинo
Желинo има потрошено вкупно 1.2 милиони денари или 19.507 евра за чистување на патиштата од снегот во текот на зимата. Договорот не е објавен во онлајн системот за јавните набавки, а Portalb податоците ги добил од извори во општината.
Компанијата која го доби овој тендер е „Ферна-Транс“ со седиште во Желино. Оваа компанија во минатото добила тендери од општините Јегуновце и Македонски Брод, не може да се каже дека е редовен клиент на Општина Желино.
„Ферна-Транс“ изгледа дека е мултифункционална компанија, бидејќи се занимава со многу различни работи, а не се знае дали ова е првпат што чисти патишта, бидејќи Општина Желино претходните години имало склучен договор со друга компанија.
Исто така, бидејќи договорот не е објавен, не се знае дали имало и други понудувачи на овој оглас.
Од Општина Желино не одговорија на новинарските прашања на Portalb.mk за тоа зошто не го објавиле договорот во електронскиот систем.
Општина Теарце
Теарце има потрошено вкупно 1.4 милиони денари или 24.019 евра за чистување на патиштата од снегот за сезоната 2024-2025 година.
Компанијата која го доби овој тендер е „Urban Plan Construction“ и е редовен клиент на Општина Теарце, бидејќи во изминатиот период добиваше тендери за чистење на речното корито, асфалтирање на патиштата, изградба на фекалната канализација, и слично.
„Urban Plan Construction“ го доби овој тендер без конкуренција, односно беше единствениот понудувач на огласот што го објави Општина Теарце. Истата компанија и претходните години ја вршеше оваа услуга за Теарце.
Не се знае дали и другите компании би имале шанса да се „конкурираат“ со оваа компанија, бидејќи самиот градоначалник на Општина Теарце, Нухи Незири, во изминатиот период објавуваше фотографии со сопственикот на оваа компанија, Сејди Шасивари како ги чека Талат Џафери и Бујар Османи во Теарце, неколку месеци пред изборната кампања.

Општина Јегуновце
Општина Јегуновце нема објавено огласи за одржување на патиштата во текот на зимата, бидејќи тоа го прави со сопствените возила. За оваа намена издвоила 300.000 денари или 4.870 евра за 2024-2025 година.
Станува збор за мала општина со околу 10 илјади жители.
Општина Маврово и Ростуша
Маврово има потрошено вкупно 3.1 милиони денари или 52.264 евра за чистење на патиштата во текот на зимата. Оваа општина има склучено два договори за оваа намена, и тоа еден договор во вредност од 22.531 евра за Мавровскиот и Горнореканскиот регион и еден договор во вредност од 29.733 евра за Долнореканскиот регион.
Договорите се потпишани на ист датум, но со две различни компании, и тоа „Jan Construction“ со седиште во Брвеница и „Балкан Турс“ со седиште во Маврово и Ростуша. И двете компании не се познати како редовни клиенти на оваа општина.
Горенаведените компании не беа единствените пријавени на овој тендер. На првиот оглас имаше 3 понудувачи, додека на вториот имаше 2, на крајот беа избрани компаниите со најповолните понуди.
Општина Врапчиште
Општина Врапчиште има потрошено вкупно 1.4 милиони денари или 23.000 евра за чистење на патиштата во текот на зимата.
Договорната компанија за ова е „Арби-Транс“, истата како и минатата година. Оваа компанија е редовен клиент на Општина Врапчиште и е мултифункционална компанија, бидејќи во изминатиот период добила тендери за реконструкција на патиштата, хортикултурно уредување на шеталиштата, и слично.
„Арби-Транс“ беше единствениот понудувач на овој оглас.

Податоците Portalb ги има обезбедено преку веб-страницата за јавните набавки и изворите во соодветните општини, бидејќи не сите општини ја исполниле законската обврска да ги објавуваат потпишаните договори онлајн.
Инаку, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), за оваа зима државните институции во земјава склучија договори за јавните набавки за зимско одржување на улиците и патиштата во вредност од 219 милиони денари или 3.569.106 евра.
Извор: МЕТА