Половина година не сообраќаат возовите кон Кичево, Кочани и Приштина, од Железници-Транспорт молк

Половина година не сообраќаат возовите кон Кичево, Кочани и Приштина, од Железници-Транспорт молк

Граѓаните со месеци по социјалните мрежи реагираат за неодржување на вцртаните линии во возниот ред на Железници на РСМ-Транспорт за 2021 година, а од државното железничко претпријатие молк за ваквата состојба. Од почетокот на мај годинава е укинат патничкиот воз Скопје-Кочани-Скопје, додека од крајот на мај не сообраќа ниту единствениот воз меѓу Скопје и Кичево.

Уште од почетокот на ковид-19 пандемијата, не сообраќа ниту брзиот воз на релација Скопје-Приштина-Скопје, иако меѓународниот автобуски превоз кон оваа дестинација функционира веќе подолг период наназад.

Мета.мк испрати прашања во два наврати во изминативе 10 дена до раководството на Железници на РСМ-Транспост во врска со состојбата во која се наоѓа патничкиот железнички сообраќај во земјава, како и за тоа дали укинатите возови кон Кочани, Кичево и Приштина ќе се вратат со новиот возен ред, којшто треба да стапи на сила за еден месец.

Засега молчат одговорните лица од државното транспортно претпријатие за состојбата со возниот ред, а единствен податок достапен за граѓаните се неофицијалните информации за лошата состојба во која се наоѓа железничкиот возен парк. Бројот на исправни електро и дизел моторни гарнитури кои неодамна беа набавени од Кина е сведен на два до три воза од набавените шест, а на минимум се и исправните дизел локомотиви кои би можеле да ги влечат патничките возови кон Кочани, Кичево и Приштина.

Патничкиот воз од Скопје до Кочани сообраќаше секојдневно со поаѓање од главниот град во 15:24 часот, како и со поаѓање од Кочани во 5.26 часот. Покрај за граѓаните од источниот дел на Македонија, со овој воз на работа, факултет и по други обврски секојдневно патуваа до Скопје и граѓаните на Велес. Иако редовно си плаќаат месечни билети за воз и постојат бенефиции за билети за различни категории на граѓани, овој воз жителите на Велес не можат да го користат.

Во идентична состојба веќе шест месеци наназад се и граѓаните на Тетово, Гостивар и Кичево, поради неможноста да го користат возот како превозно средство. Тој секојдневно сообраќаше од Кичево во 5:30 часот, додека од Скопје тргнуваше во 16:45 часот.

Возот од Скопје за Приштина поаѓаше секојдневно во 16:10 часот, додека од косовскиот главен град се тргнуваше во 7:10 часот.

Да потсетиме, железничкиот превоз е најевтин и најеколошки начин на масовен превоз на патници. Европската Унија токму 2021 година ја прогласи за Европска година на железницата, со цел да ги мотивира граѓаните да го користат возот како превозно средство коешто испушта најмалку издувни гасови во воздухот, а во однос на стакленичките гасови има минорен удел во придонесување кон глобалното затоплување.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …