Речиси 50 отсто од популацијата во Северна Македонија живее со зголемена телесна тежина, додека повеќе од 50 отсто се пушачи со лоши навики во исхраната и намалена физичка активност. Ова беше истакнато на денешната (14 ноември) прес-конференција по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември.
„Ние сме земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, заради тоа што ги имаме сите ризик фактори кои го предизвикуваат дијабетесот, а тоа е дебелината“, посочи претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ.
Загрижувачки е, додаде, што младата популација е таа која живее со обезност и во годините што доаѓаат ќе развие дијабетес, но и болести што се придружни и од кои се умира.
„Нашата општествена улога, како доктори, е да се трудиме да се вратат здравите навики во исхраната, да се конзумира здрава храна, да се прекине со пушење, да се зголеми физичката активност, за да можеме да направиме популација која што ќе ги надживее родителите. Се смета дека оваа генерација ќе има понизок животен век од нивните родители, поради овие незаразни болести коишто се главна причина за смрт во светот“, рече Миленковиќ.
Министерот за здравство Таравари, пак, во своето обраќање рече дека државата спаѓа во земји со низок ризик за појава на детски дијабетес, во однос на другите европски земји, но сепак, како што изјави, бројот е со постојана тендеција за пораст во последните години.
„Дијабетес тип 1, за жал, го погодува највулнерабилниот дел од популацијата, децата и младите, а третманот опфаќа повеќе аспекти, да се промовира висок квалитет на живот, нормален раст и развој на децата со дијабетес“, посочи Таравари.
Бројот на луѓе кои живеат со дијабетес се зголеми од 200 милиони во 1990 година на 830 милиони во 2022 година, а преваленцата се зголемува побрзо во земјите со низок и среден приход отколку во земјите со високи приходи, објави Светската здравствена организација.
Повеќе од половина од луѓето кои живеат со дијабет не земале лекови за болеста во 2022 година. Опфатот со третманите бил најнизок во земјите со низок и среден приход, истакнуваат од СЗО.
Се посочува и дека дијабетесот може да предизвика слепило, откажување на бубрезите, срцев удар, мозочен удар и ампутација на долните екстремитети.
Извор: РСЕ