Полскиот амбасадор Тицински во посета на општина Прилеп

Поставувањето на изложбата „Борба и страдање – Полските граѓани за време на Втората светска војна“ во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, беше повод амбасадорот на Полска во Република Северна Македонија, Војчех Тицински денеска да престојува во Прилеп.

„Амбасадорот Тицински денеска ја посети нашата општина, при што разговаравме за соработката меѓу Република Северна Македонија и Полска, односно за големиот број проекти кои може да ги користи Општина Прилеп. Се надевам дека нашата држава ќе го добие датумот за преговори на 15. октомври, а ние како град, како општина, ќе ги користиме фондовите од Европската Унија. Полска е земја која процентуално најмногу ги користи средствата од ЕУ и следниот чекор кој ќе го направи нашата општина, ќе биде заедничка соработка со општина од Полска на некој проект“, истакна градоначалникот Илија Јованоски, кој денеска во својот кабинет оствари средба со амбасадорот Војчех Тицински.

Градоначалникот Јованоски и амбасадорот Тицински присуствуваа на отворањето на изложбата „Борба и страдање – Полските граѓани за време на Втората светска војна“, која се одржа во ЦК „Марко Цепенков“, а е реализирана во соработка со амбасадата на Полска.

„Големо е задоволството што ние како амбасада на Полска во Република Северна Македонија, можеме да ја покажеме оваа изложба како дел од нашата историја. Прилеп е наш четврт домаќин. Изложбата е посветена на 80 годишнината од крајот на Втората светска војна. Втората светска војна започнала во Полска и имала големо влијание на развојот на Европа во тоа време. Се радувам што ја покажавме оваа изложба во Охрид, Скопје, Битола и денеска сме во Прилеп. Можеби е ова тажен дел од нашата историја, но радосен сум што можеме да ја доближиме до граѓаните и младината во Македонија, кои во голем број доаѓаат да ја видат. Уште еднаш им се заблагодарувам на градоначалникот Јованоски и на ЦК „Марко Цепенков“ за одличната организација“, истакна полскиот амбасадор Тицински.

Изложбата е подготвена од полското Министерство за надворешни работи и Музејот на Втората светска војна од Гдањск, за одбележување на 80.годишнината од почетокот на војната која започна со нападот на нацистичка Германија на Полска. Овој најголем вооружен конфликт во историјата донесе огромни човечки и материјални загуби, а исто така имаше големо влијание врз политичките и територијалните промени во Европа по 1945 година.

Изложбата ја раскажува историјата на полската борба против тоталитарниот режим, копнежот по слобода и хероизмот да се спасат други, храброста на војниците и обичните луѓе, заедничка борба против непријателот и борбата за слобода на другите земји.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …