Помалку судии, повеќе неправда

Помалку судии, повеќе неправда

Намалувањето на бројот на судии и обвинители влијае на ефикасното работење и резултати во правносудскиот систем, смета невладиниот сектор. Недостигаат и стручни соработниците за кои од „Сите за правично судење“ велат дека не им се посветува доволно внимание, а нивната анализа покажа дека просекот на стручни службеници е под европскиот. Додека се стравува од колапс на системот, правосудството е клучно каде ЕУ очекува Северна Македонија да испорача реформи.

Во последните пет години (од 2020 до 2024) бројот на судии во Северна Македонија е намален за една четвртина. Од друга страна, расте бројот на предмети. Се намалува и бројот на обвинители. Стручните соработници, пак, во овие институции не добиваат доволно можности за усовршување и генерално несоодветно се менаџира со човечките ресурси.

Ова се дел од заклучоците од обемното истражување што го направи невладината Коалиција „Сите за правично судење“ од каде, денеска потенцираат, дека ваквите состојби си го земаат данокот кога е во прашање и ефикасноста на правосудниот систем.

„Ова влијае врз неефикасното постапување на судовите и јавните обвинителства. Или ќе има задоцнета или неквалитетна правда, а и едното и другото се неправда“, вели Лејла Тутиќ, правен истражувач во Коалицијата.

Токму правосудството е клучниот сектор во кој и Европската Унија очекува Северна Македонија да испорача реформи и резултати. Тоа го истакна и новиот евроамбасадор во Скопје, Михалис Рокас, во првото интервју откако стапи на должноста. Тој посочи дека приоритет треба да биде законот за Судски совет, кој потенцираше е важна реформа во поглед на тоа како е формиран, но и како се избираат и разрешуваат судии.

„Ова е клучната област за сè, борбата против корупцијата, привлекување инвестиции, давање доверба на граѓаните во судскиот систем“, рече Рокас во интервјуто за државата агенција МИА објавено на 13 октомври.

Се заканува колапс на системот?

Но, невладиниот сектор предупредува дека токму судскиот систем може да колабира. Според истражувањето на „Сите за правично судење“, во 2020 година низ сите судови во земјава имало вкупно 494 судии, а пет години подоцна 369 или 125 помалку. Најпогодени се судовите во битолското апелационо подрачје каде намалувањето е дури за една третина.

„Ако ги имаме предвид овој податок, очекувано е дека за некоја деценија од сега, со овој тренд, бројот на судии кои работат ќе биде толку многу мал што едноставно системот нема да може да функционира и ќе колабира“, потенцира Тутиќ.

Бројот на предмети, пак, е зголемен за речиси 40 проценти – од 118.004 во март 2020, на 161.277 истиот месец годинава. Просекот кој е изваден според анализата е дека за пет години, бројот на предмети што ги имал во работа еден судија во даден момент се зголемил за 83 отсто.

Иако нема разграничување на спорни и неспорни случаи, а во бројките спаѓаат и предмети кои се од чиста административна природа, генералниот заклучок на истражувачите е дека има природен прираст на предметите.

Сепак, она што се истакнува е дека ситуацијата е различна од еден до друг суд. На пример, во Основниот суд во Прилеп има зголемување на бројот на предмети за дури 375%. Но, во Врховниот суд, пак, на пример има намалување од 47%.

Кога се во прашање обвинителствата, кадарот се намалил и таму, но не толку алармантно. За пет години, има само 16 јавни обвинители помалку – од 193 во 2020 на 177 во 2024 г.

И кај нив има зголемување на предметите, но во просек за 14 отсто по обвинител. Еден обвинител пред пет години во просек во одреден момент имал 64 предмети во работа, а годинава има 73.

Недостигот на обвинители наспроти зголемениот обем на работа, беа дел од работите на кои се пожали и републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, при презентација на годишниот извештај за сработеното за 2023 година во Собранието, на 7 октомври. Според извештајот, пак, што тој го презентираше, во просек секој обвинител годишно добивал во работа по околу 180 нови предмети.

„Нема криење предмети во фиока, постојат објективни причини за одолговлекувањето на постапките. Тоа се мал број на обвинители, недоаѓање на странки на процес, достава. Објективните околности се најголем проблем во однос на ефикасноста на ЈО“, рече Коцевски пред пратениците.

Стручни соработници под европскиот просек

Обвинителите и судовите се само еден дел од приказната за ефикасноста и на судовите и на обвинителствата. Клучна алка во целиот систем се и стручните соработници, кои биле предмет на анализа на Коалицијата „Сите за правично судење“.

„Од ова истражување произлезе дека недоволно внимание се посветува на вработените кои се дел од судската и јавнообвинителската служба како во поглед на условите за работа така и во поглед на можностите кои им стојат на располагање, во насока на кариерно унапредување како и стручно усовршување“, вели правниот истражувач Тутиќ.

Од невладината нотираат дека има нерамномерна распределба на судски кадар во судовите. Просекот на бројот на вработени е 5,59 лица по еден судија, меѓутоа овде не спаѓаат само стручните соработници туку и оние задолжени за „помошно-технички работи“ како што се возачи, вработени во бифе, хигиеничари…

Ако се земат предвид само стручните судски службеници сликата е поинаква. Има 1,44 стручен соработник по судија што е под европскиот просек од 2,05.

Од вкупно 34 судови во земјава, само седум се над европскиот просек, четири се во негови рамки, а 23 се под просекот.

За стручните соработници во јавните обвинителства, пак, европскиот просек изнесува 1,44 по обвинител. Меѓутоа, ниту едно обвинителство во земјава не е во тие рамки – шест обвинителства се над просекот, додека останатите 22 се под европскиот просек.

Ваквата анализа од Коалицијата „Сите за правично судење“ ја изработија во рамки на годишната програма за работа која е финансиски поддржана од Европската комисија преку Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Во тек е нов повик за аплицирање за субвенциониран студентски оброк

Во тек е нов повик за аплицирање за субвенциониран студентски оброк

Аплицирањето трае до утре, 5 ноември Во тек е нов повик за остварување на правото …