Веста дека на српскиот претседател Александар Вучиќ му се слошило за време на престојот во САД и дека итно ја прекинал посетата предизвика мал политички земјотрес во Белград.
Официјалната верзија е: Вучиќ почувствувал силна болка во градите проследена со висок крвен притисок, поради што посетата ненадејно завршила. Се вратил во Белград, каде бил примен на Воено-медицинската академија. Неговата состојба е стабилна, но му било препорачано да мирува, па сите обврски во наредните денови се одложени.
Но, уште пред да слета авионот со претседателот и делегацијата во Белград, во јавноста се појавија бројни прашања. Која беше целта на патувањето, дали беше официјална или приватна посета и дали Вучиќ навистина се разболе – или во прашање е неуспешен дипломатски обид?
Државничка или лична иницијатива?
Министерот за финансии Синиша Мали, кој го придружуваше Вучиќ на неговото патување на Флорида, изјави дека посетата била подготвувана долго време и дека нејзината цел била решавање на економски проблеми.
Сепак, настанот на кој српското раководство се обидело да „решава државни проблеми“ беше состанок на Републиканскиот национален комитет и донаторска вечера организирана од американскиот претседател Доналд Трамп. Вучиќ, наводно, по тој повод сакал неформално да се сретне со Трамп.
Долгогодишниот српски амбасадор во САД, Иван Вујачиќ, за ДВ изјави дека во овој случај не се почитувани бројни вообичаени дипломатски процедури.
„Не е вообичаено претседателите на држави да одат на партиски состаноци. Вообичаено е странци да присуствуваат на партиските конвенции, но тогаш се испраќа официјална покана преку Стејт департментот“, вели Вујачиќ за ДВ.
Некои извори тврдат дека на Вучиќ дури и му бил забранет влез на настанот во комплексот Мар-а-Лаго, иако платил влезница, а поранешниот дипломат Небојша Вујовиќ во медиумите објави дека ваквата одлука ја донела шефицата на кабинетот на Трамп.

„Ми се чини дека оваа посета беше направена преку неформални канали, некои лоби групи, пријатели, познаници и со заобиколување на официјални канали. Затоа што ако е вистина дека изразил желба да оди на донаторски состаноци, некој ќе му укажел дека тоа не е можно според законот на земјата што ја посетува, во овој случај САД“, објаснува Иван Вујачиќ.
Со сличен став е и Вук Вуксановиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика. Сепак, тој не ја исклучува можноста американската администрација да му го откажала пријателството на режимот на Вучиќ, што, како што вели, би можело да се потврди во наредните месеци.
„Засега, најверојатно изгледа како ова да е неуспешна импровизација. Ако се покаже дека Вучиќ отишол таму за да обезбеди фотографирање со Трамп без закажан состанок, тоа значи дека моментално е толку ранет од ситуацијата во Србија што е само во потрага по меѓународни лидери и настани каде што може да се промовира како светски државник со надеж дека малку ќе го подобри својот имиџ во земјата“, оценува Вуксановиќ за ДВ.
Избегнување на пат во Москва?
Професорот Вујачиќ смета деканамерата на Вучиќ била прво да се сретне со Трамп, а потоа да отпатува на Парадата на победата во Москва на 9 мај, со цел да испрати сигнал до Европската унија дека не се грижи за нивните предупредувања и дека има други моќни пријатели во светот на кои може да им се обрати – како Трамп, Владимир Путин и Ши Џинпинг.
Но, со оглед на тоа што американскиот дел од планот пропадна, дел од јавноста веста за влошената здравствена состојба ја протолкува како изговор за да се избегне одење во Русија.
Реакциите од ЕУ на самата најава за посетата на Москва беа крајно остри. Претставниците на Унијата предупредија дека присуството на руската воена парада може сериозно да го загрози европскиот пат на Србија.
„Да се оди во Москва и да се слави со Путин или неговата војска која што убива луѓе во Украина е спротивно на европските вредности и е многу во спротивност со одлуката на Советот на ЕУ, кој во 2022 година одлучи земјите-членки да не преземаат никакви чекори што би можеле да им дадат легитимитет на Путин и Русија“, рече еврокомесарката за проширување Марта Кос за време на неодамнешната посета на Србија.

Таа уште еднаш потсети дека Србија, како кандидатка за членство, до пристапувањето мора целосно да ја усогласи својата надворешна и безбедносна политика со онаа на ЕУ.
Вучиќ, сепак, тврдеше дека не ја менува својата позиција под притисок на Брисел.
„Пред осум месеци реков дека ќе одам во Москва. Веројатно ќе бидам единствениот што ќе одам во Москва. Не сакам владата на Ѓуро Мацут да ја плати цената. Сакам тој да има можност да работи со ЕУ како што треба и никој да не може ништо да му каже. Малку е веројатно дека ќе оди војската, бидејќи би била на удар и на санкции“, рече Вучиќ.
Дипломатијата во служба на имиџот
Дали Вучиќ навистина ќе оди во Москва зависи од голем број фактори – вклучително и од тоа дали на парадата ќе присуствува словачкиот премиер Роберт Фицо, смета Вуксановиќ.
Фицо во изминатите денови повеќепати ги откажуваше најавените јавни настапи, што предизвика шпекулации за влошување на неговата здравствена состојба и го доведе во прашање неговото претходно најавено патување во Москва.

„Првичната филозофија на Вучиќ беше дека Вашингтон и Москва му се поважни од Брисел, но сега се обидува да спречи губење на поддршката од страна на кој било голем меѓународен актер, бидејќи е политички ранет“, смета Вуксановиќ.
Тој додава дека во овој момент во српската дипломатија не постои ништо мотивирано од надворешнополитичка логика, туку надворешната политика е во служба на подобрување на „политичко-маркетиншкиот“ имиџ на Вучиќ како лидер.
Но, во тензичните меѓународни односи, неговиот простор за маневар е сѐ потесен.
Извор: DW