Попис 2021: Бојкотирале 6,31 отсто или околу 130.000 граѓани [инфографик]

На Пописот 2021, податоците за околу 130.000 лица Државниот завод за статистика ги преземал од „административни извори“, односно од други бази на податоци кои ги водат државните органи. Станува збор за 6,31 отсто од вкупното резидентно и нерезидентно население на земјава, односно од сите лица кои живеат во Македонија и од дијаспората. Овие лица се вметнати во посебна ставка кај етничката припадност и нивните податоци не се земени предвид во објавените вкупни бројки.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски на денешната презентација на резултатите посочи дека кампањата за бојкот на пописот негативно влијаела врз целата операција.

„Пописот го правевме среде лето и пандемија. Кампањите нанесоа штета, не корист. Кажувавме и тогаш, но се извршуваше работата. Нашата намера беше од старт да видат која е потребата од пописот. Не се проблем граѓаните кои подлегнаа на кампањата, туку тие кои ја спроведоа“, изјави директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

Тој додаде дека имало земји коишто имале многу поголем неопфат при спроведените пописи. Покрај теренската работа на попишувачите, податоците од пописот се споредувале со девет бази на податоци.

Инаку, за време на спроведувањето на најважната статистичка операција, која не беше спроведена речиси 20 години, на социјалните мрежи се водеше исклучително силна кампања за бојкотирање. Оваа кампања изобилуваше со дезинформации и постојат индикации дека беше оркестрирана како од внатрешни така и од надворешни центри на моќ.

Поради бојкотот, во делот на етничката припадност може да се напомене дека податоците не се целосни. Покрај 6,31 отсто од лицата кои го бојкотирале пописот, како Македонци се изјасниле 1.137.030 лица од резидентното и нерезидентното население (54,21 отсто), Албанци 619.187 лица (29,52 отсто) и Турци 83.443 лица (3,98 отсто).

Во делот на помалите етнички заедници, како Роми се изјасниле 49.104 лица (2,34 отсто), Срби 24.759 лица (1,18 отсто), Бошњаци 18.163 лица (0,87 отсто), Власи 9.208 лица (0,44 отсто). Во категоријата Други неспомнати се 22.171 лица (1,06 отсто), не се изјасниле 552 лица (0,03 отсто) и непознато се 1.442 лица (0,07 отсто).

Сепак, податоците од пописот покажуваат дека Албанците по етничка припадност се најбројни помеѓу државјаните на земјава кои се отсутни во странство повеќе од 12 месеци.

На пописот, од оние коишто живеат во странство подолго од една година, се изјасниле 258.932 лица. Од нив Албанци се 171.982 лица (66,42 отсто), Македонци се 63.572 лица (24,55 отсто), Турци се 12.368 лица (4,78 отсто), Роми се 2.639 лица (1,02 отсто), Бошњаци се 2.097 лица (0,81 отсто), Срби се 821 лице (0,32 отсто). Од друга етничка заедница меѓу лицата од дијаспората се изјасниле 4.855 лица (1,88 отсто), не се изјасниле 95 лица (0,04 отсто) и како непознато се 11 лица, што е во рамките на статистичката грешка.

Идентично како и во делот на теренското попишува во земјава, самопопишувањето на дијаспората која се спроведуваше по електронски пат беше предмет на бојкот на значаен дел од македонската дијаспора која живее во странство, особено во прекуокеанските земји каде што исто така се спроведуваше кампања за бојкотот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …