Жители на Пелагонискиот регион: Поправете го регионалниот пат Прилеп-Битола

Жители на Пелагонискиот регион: Поправете го регионалниот пат Прилеп-Битола и спречете ги потенцијалните несреќи

Со почетокот на градежните работи на експресниот пат Прилеп – Битола, комплетниот сообраќај на делницата од Ново Лагово до Тополчани е пренасочен по стариот регионален пат.

Констатацијата на сите оние кои изминатите неколку недели поминале по овој пат е идентична: патот е во катастрофална состојба и ни оддалеку не ги задоволува елементарните безбедносни услови за одвивање на сообраќај.

Огромните дупки, недоволната сообраќајна сигнализација, неискосената трева покрај тесниот пат, неискастрените гранки од дрвјата надвиснати над коловозот, огромната фреквенција на патнички и товарни возила, автобуси, трактори и друга земјоделска механизација, се потенцијална опасност по сите учесници во сообраќајот.

Од лошите услови на патот, за среќа, засега страдаат само гумите и амортизерите на автомобилите. Меѓутоа, жителите од Пелагонискиот регион кои секојдневно поминуваат по патот, алармираат до надлежните за исклучително лошата состојба на патот што претставува потенцијална опасност по сите учесници во сообраќајот.

„Не е нормално да се вози по ваков пат кој заради големата фреквенција на автомобили секој ден дополнително се уништува. Избегнувајќи ги огромните дупки кои ги има на двете страни на патот, возачите со своите моторни возила преминуваат на другата страна и на тој начин ги ставаат во опасност учесниците во сообраќајот кои доаѓаат од спротивната насока. Недостигаат и сообраќајни знаци а дел од постојните се несоодветно поставени. За да не дојде до сообраќајни несреќи со потешки последици, ги повикуваме надлежните институции веднаш да реагираат, да извршат итна поправка на патот и да ги отстранат недостатоците“, апелираат жителите од поширокиот регион.

Она што дополнително ја зголемува опасноста од потенцијални несреќи, е почетокот на сезоната на земјоделски работи како и туристичката сезона која значително ќе го зголеми бројот на возила и патници чија дестинација ќе бидат туристичките центри во Охридскиот и Преспанскиот регион, како и граничниот премин Меџитлија.

Прочитајте повеќе

Аларм од ЗЕЛС: Во Македонија недостигаат над 400 пожарникари

Аларм од ЗЕЛС: Во Македонија недостигаат над 400 пожарникари

Северна Македонија има двојно помалку пожарникари од законски предвидените норми, а се провлекува и проблемот со недостиг …