Поради растечката инфлација, Народната банка ја зголеми основната каматна стапка на 1,75%

Поради растечката инфлација, Народната банка ја зголеми основната каматна стапка на 1,75%

Растечката инфлација, која во април достигна годишна стапка од 10,5 отсто доведе до ново зголемување на основната каматна стапка на благајничките записи, информираат од Народната банка на РСМ (НБРСМ). Денеска се одржала редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто било одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка за 0,25 процентни поенти, од 1,5 на 1,75%. Понудата на благајнички записи на денешната аукција изнесува 10 милијарди денари.

„При донесувањето на ваквата одлука, беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања. Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка“, се наведува во објаснувањето на НБРСМ.

Од Народната банка велат дека инфлаторните движења во април 2022 година, забрзале, што упатува на тоа дека оваа година инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции. Движењата кај домашната инфлација се во согласност и со глобалната инфлација, вклучително и со инфлацијата во регионот на Централна и Југоисточна Европа, каде што просечната инфлација за април е околу 11%.

„Главните фактори за поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, пред сѐ цените на храната и енергијата, поради растот на цените на примарните производи на светските берзи. Овие преносни ефекти се видливи особено кај економиите како нашата, каде што голем дел од потрошувачката е увозна и каде што учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошничка е високо“, велат од НБРСМ.

Од Народната банка додаваат дека девизните резерви и натаму се во сигурната зона. Со оглед на високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата, тековно девизните резерви се на соодветното ниво согласно со сите меѓународни стандарди. Девизниот пазар во земјава е стабилен.

Во однос на движењата во реалната економија, воената ескалација помеѓу Русија и Украина од крајот на февруари, дополнително ги влошила веќе нарушените глобални синџири на снабдување и пазарот на енергија, како и довербата на економските субјекти. Ова неповолно делува врз економските изгледи и врз динамиката на закрепнување на домашната економија за оваа и за следната година, односно растот на економија би бил понизок од очекувањата.

Од Народната банка оценуваат дека основните макроекономски параметри упатуваат на потреба од натамошно затегнување на монетарната политика, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за побарувачката во земјава. Ризиците се поврзани главно со надворешното окружување, вклучувајќи ги ефектите од пандемијата, енергетската криза и времетраењето и интензитетот на војната во Украина и ефектите од санкциите кон Русија.

„Неопходни се претпазливи макроекономски политики коишто ќе бидат целни, заради ублажување на ефектите од кризата, но водејќи сметка за инфлациските притисоци. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици и соодветно ќе реагира заради постепена нормализација на монетарната политика“, велат од НБРСМ.

Инаку со претходната одлука на Народната банка, пред еден месец беше зголемена основната каматна стапка на благајничките записи од 1,25 на 1,5%, што беше прво поместување во нагорна линија по подолг период.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Тевдовски, Узунов, Беџети, Бишев

Економски експерти со предлог решенија и политики за нов концепт на водење на економијата во државата

Вчера, се одржа јавна дискусија „Нова ера, нова надеж“ кадешто се разговараше за нов концепт …