Дамева

Поранешната претседателка Дамева со тужба и со кривична пријава за разрешувањето од Судскиот совет

Весна Дамева, поранешната претседателка на Судскиот совет која беше разрешена од функцијата на контроверзен начин, кој експертите го протолкуваа како незаконски, поднела тужба до Управниот суд и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за нејзиното разрешување.

Во разговор со Порталб.мк, Дамева вели дека доколку институциите не утврдат одговорност во разумен рок, таа е подготвена во јавноста да ги каже сите имиња и презимиња на лицата за кои алудираше дека од политички аспект, ќе бидат задоволни од нејзиното разрешување.

„Почнати се постапки и во текот на тие постапки ќе се утврдува сè. Сигурно ќе се сослушуваат и други, а исказ ќе дадам и јас. Да видиме, да почекаме, ако не се утврди таму, јас сум спремна да кажам сè, бидејќи кај мене немало влијание. Јас правам сè за правдата да излезе на виделина. И покрај сè, јас верувам во нашите институции. Имам храброст и чист образ, а доколку не се утврди во целост што се крие зад моето разрешување, апсолутно ќе ги кажам имињата. Кај мене нема влијание, но не сум убедена дека кај другите нема“, вели Дамева во изјава за Порталб.мк.

Таа вели дека со оглед дека во случајот за да се дојде до целта и да биде разрешена од претседател на Судскиот совет биле сторени прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област, до скопското обвинителство поднела кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека е сторено продолжено кривично дело Злоупотреба на службената должност и овластување од чл.353 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од КЗ.

До Управниот суд, пак, таа поднела тужба со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзиното разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет.

Правната заштита, како што појаснува, ја бара не поради неа лично, туку поради заштита на угледот на институцијата.

Дамева беше разрешена на 26 април годинава. Тогаш, на седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, а седум члена (од тринаесет) гласаа „за“, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

„Ви благодарам многу, ме спасивте. Оваа одлука ќе биде противзаконска, но очигледно нечии желби треба да бидат исполнети. Одредени лица од политиката ќе бидат и те како задоволни ако во ова успеат. Но, јас не се откажувам, битката продолжува. Сега веќе ова е анархија, Судскиот совет се вклучи во анархија. Основ за разрешување нема, не може со седум гласа да се одземе мандат“, рече тогаш Дамева.

Иако во законот не е предвиден начин за разрешување на претседател на Судски совет, Адеми за Порталб.мк подоцна образложи дека станувало збор за гласање со мнозинство и дека сè што не е забрането со закон, е дозволено.

На 4 мај за нов претседател на Судскиот совет беше избран Сашко Георгиев.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Знаме Македонија

Од прослави за знамето до тензии и обвинувања за дестабилизација

Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското знаме, што …