Порталб: ОБСЕ следи 24 судски случаи на висока корупција, вклучително и поранешни случаи на СЈО

Мисијата на ОБСЕ во Скопје продолжува да ги следи судските постапки на предмети на организиран криминал и корупција од средно и високо ниво, во рамки на заедничкиот проект со Европската Унија „Поддршка за поефикасно спроведување на правдата во случаите на корупција и организиран криминал во Северна Македонија преку мониторинг на судењата“, пренесува Порталб.мк.

„Мониторингот започна во јули 2021 година и во моментов тимот следи 21 предмети (вклучувајќи ги и поранешните случаи на Специјалното јавно обвинителство) во различни фази од судењето. Целта е да се следат 50 предмети на организиран криминал и корупција на средно и високо ниво“, велат за Порталб.мк од ОБСЕ-Скопје.

Оттаму информираат дека за следење на судските предмети ќе објават два извештаи, кои ќе бидат јавни.

„Ќе има два јавни извештаи, еден во 2022 година и конечен извештај на крајот на проектот, на крајот на 2023 година“, додаваат од ОБСЕ.

Инаку, тригодишниот проект има за цел да го подобри спроведувањето на правдата и да ја намали корупцијата и организираниот криминал, кои се од суштинско значење за исполнување на критериумите за членство во ЕУ.

Проектот придонесува во борбата против широко распространетата и системска корупција, како и организираниот криминал, кои се закана за долгорочната стабилност и просперитет во целиот регион.

Преку овој проект ќе се разгледаат сегашните практики, ќе се идентификуваат системските проблеми и ќе се дадат препораки и наоди до сите релевантни субјекти за нивните понатамошни активности во насока на отстранување на недостатоците во спроведување на правдата. Системските проблеми ќе бидат идентификувани преку собирање и анализа на податоци (вклучувајќи анализа на извештаите во медиумите), проследени со консултации и форуми за дискусија со судските чинители и граѓанското општество.

Проектот ќе им помогне на судовите, обвинителите и агенциите за спроведување на законот за зголемување на нивните капацитети и да се понуди можност за учење од другите засегнати страни, како и да се обезбедат релевантни сознанија со цел да се влијае на развојот на политиката за решавање на проблемите идентификувани во текот на проектот. На долг рок, по завршување на проектот, се очекува овие институции да имаат корист од добивањето насочена поддршка преку градење капацитети, подобрувања во институционалната структура и креирање политики.

Реформите во правосудството се еден од главните принципи на владините органи, имајќи предвид дека Северна Македонија треба да почне разговори – а пак тие веднаш ќе бидат прекинати доколку судството продолжи со старата практика – нетранспарентност, непрофесионалност, пристрасност, нерамноправност или влијание на претставниците на власта во нивните одлуки.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …