Порталб: Родовата еднаквост во С. Македонија и Албанија е далеку од европската реалност

Застапеноста на жените во политиката и раководните позиции во Северна Македонија и Албанија е далеку од посакуваното ниво. Стереотипите и предрасудите за улогата на жените во општеството се клучните фактори кои ги држат жените настрана од политиката, како и од другите сфери на животот. Зголемувањето на бројот на жени во политиката и на раководни позиции во последно време е постигнато благодарение на поставувањето родови квоти. Сепак треба уште многу да се работи во оваа насока, пишува Порталб.мк.

Родовата еднаквост е една од главните цели на Европската унија. Принципот дека мажите и жените треба да добиваат еднаква плата за еднаква работа е утврден во Европските договори од 1957 година, конкретно членот 157 од Договорот за функционирање на Европската унија (ДФЕУ). Со членот 153 ДФЕУ ѝ овозможува на ЕУ да дејствува на пошироко поле на еднакви можности и еднаков третман во прашањата за вработување, и во оваа рамка член 157 ДФЕУ одобрува позитивни активности за зајакнување на жените. Понатаму, членот 19 на ДФЕУ предвидува усвојување законодавство за борба против сите форми на дискриминација, вклучително и врз основа на пол.

А сепак, родовата еднаквост во земјите од регионот е далеку од она што го предвидува ЕУ, претставувањето на жените стагнира во многу области на животот. Политиката и раководните позиции се една од главните области во кои претставувањето на жените е прилично слабо.

Во С. Македонија интеграција на жените во политиката оди со бавни чекори

Од формирањето на првата Влада на Република Македонија на 20 март 1991 година, застапеноста и интеграцијата на жените во политиката се одвива многу бавно. Претставувањето на жените се наоѓа во ќорсокак до денешен ден. Актуелната Влада е избрана на 30 август 2020 година, а во составот на оваа Влада на најважните позиции доминираат мажите. Од вкупно 16 министерства што ги има земјата, жените водат само 4 министерства, во меѓувреме само 2 жени имаат функција заменик министер. Ниту една жена не се појавува на функцијата заменик-премиер на владата.

Во Собранието на Р.С. Македонија од вкупно 120 места само 43 се застапени со жени. Историски гледано, застапеноста на жените во законодавниот дом на Македонија е далеку од посакуваното ниво. Во првиот парламентарен состав (1990-1994) жените беа претставени само 4 отсто, во вториот парламентарен состав (1994-1998) 3,2 отсто од пратениците биле жени, во третиот состав (1998-2002) жени имало 7,5 отсто, а најзначајното зголемување на женската застапеност е забележано во четвртиот состав (2002-2006) со 17,5 отсто. Растот продолжува во петтиот парламентарен состав (2006-2008) со 28,3 отсто, во шестиот состав (2008-2011) 32,5 отсто, во седмиот (2011-2015) жените во Собранието се 30,9 отсто, а во последниот состав процентот на жени во Собранието достигнува 38 отсто.

Дури и местата што жените ги имаат обезбедено во македонското собрание главно се должат на дефинициите засновани на квоти за пол. Нерамнотежата на женската застапеност во политиката е забележлива во областите каде што треба да се почитува родовата квота и во областите каде што не постои обврска за застапеност.

„Застапеноста на жените во политиката главно се должи на родовите квоти, кои обезбедуваат 40 отсто од кандидатите за советници и пратеници да бидат жени. Затоа, предложивме измени во Изборниот законик со кои се предвидува бројот на мажи и жени на списокот да биде еднаков. Во извршната власт каде што нема родова квота, бројот на жени министри и градоначалнички е многу мал“, изјави Маја Морачанин, пратеничка во македонскиот парламент.

Морачанин проценува дека постојат неколку причини поради кои жените во нашата земја многу малку се занимаваат со политика, но и со други сфери од животот.

„Верувам дека стереотипите и предрасудите за улогата на жените во општеството се еден од главните фактори. Исто така, неплатената работа од страна на жените во семејството, грижата за децата и постарите членови на семејството се причини за слабата активност на жените и во економскиот и во политичкиот живот. Дополнително, говорот на омраза против жените политичари, особено на социјалните мрежи, ги обесхрабрува жените да се вклучат активно во политиката“, додаде пратеничката Маја Морачинин.

Застапеноста на жените во политиката на незадоволително ниво и во Албанија

На 20 април 2021 година, лидерот на социјалистите го освои третиот мандат во Албанија. Моментално, албанската влада се состои од 15 министерства, од кои 9 министерства се предводени од жени. За разлика од Македонија која има 4 вицепремиери, Албанија има само една таква функција и е предводена од маж. Владите Рама I и II се состоеја од 13 министерства, од кои на чело на 6 министерства беа жени, додека во три мандати на функцијата премиер или вицепремиер никогаш не била жена.

Гледано во хронолошка смисла, застапеноста на жените во албанскиот парламент напредуваше со многу бавно темпо. Застапеноста на жените во албанскиот парламент датира од периодот 1945 – 1950 во првото законодавно тело – каде имало вкупно 82 пратеници од кои 6 биле жени. Од 2013 година до денес, бројот на пратенички во албанскиот парламент е зголемен за мал процент од година во година. Во 2013 година албанскиот парламент имаше само 17,9 отсто жени, во 2014 година застапеноста на жените се зголеми на 20,7 отсто, во 2015 година 22,9 отсто беа жени, во 2016 жени беа 23,6 отсто, додека во 2017, 2018 и 2019 година застапеноста на жените во собранието беше 29 отсто. Во моментов во албанскиот парламент има 140 пратеници, од кои 36 се жени. Според точката 3/а од член 4 (Изборен закон и родова еднаквост) на Изборниот законик во Албанија, не помалку од 30 отсто од составот на Собранието мора да има квоти на недоволно застапениот пол.

И во РСМ и во Албанија, поставувањето на родови квоти игра клучна улога во претставувањето на жените во политиката. Еглантина Ѓермени, пратеничка во албанскиот парламент проценува дека учеството на жените во донесувањето одлуки е подобрено во нашиот регион, поради законските измени или воведувањето на родови квоти во законодавството.

„Јас сум многу среќна, дури сум горда што во Албанија, на пример, повеќе од половина од Владата се жени, 30 отсто од парламентот се жени пратенички, скоро 49 отсто советници во општинските совети. Верувам дека секое достигнување во оваа насока е резултат на низа фактори, сепак учеството на жените во сите нивоа на носење одлуки не е на потребното ниво“, рече за Порталб.мк пратеничката Еглантина Ѓермени.

Според Ѓермени, предизвиците и пречките со кои се соочуваат жените на патот на јавниот или политичкиот ангажман се многубројни и воопшто се предизвици слични на оние со кои се соочуваат жените ширум светот. Сепак, во нашиот регион може да има специфики заради историјата, културата, нивото на економски и социјален развој, итн.

„Ако се повикаме на историјата, во земјите од нашиот регион, малку жени биле лидерки или водачи, што им го отежнува на жените патот да се вклучат во јавниот живот. Традиционалниот менталитет и родовите стереотипи во врска со улогата што жените треба да ја имаат како тие кои се грижат за семејството и нивното поимање дека не се способни за раководни позиции, е една од пречките што нашите општества ги поставуваат пред жените и девојките. Политичко опкружување во нашите земји, со не многу развиена демократија, агресивност и политички конфликт, ги тера жените и девојките да се повлечат или да не се занимаваат со политика. Жестината на политичката борба, употребениот јазик, етикетирањето и разгледувањето на политиката како машки домен многу влијаат на одлуката некоја жена да се занимава со политика или не. Насилство врз жените во политиката (во сите нејзини форми) е еден од факторите што во последно време, се дискутира дури и во поразвиените земји како пречка за жените и нивниот политички ангажман. Семејните обврски, грижата за семејството, очекувањата кои жените мора да ги исполнат како жени, сопруги, мајки, всушност се толку силни во нашите општества, но во исто време бараат многу време и посветеност. Друг фактор е и ниската самодоверба што жените и девојчињата честопати ја имаат за себе. Ова се случува и поради социјализмот. Ниво на образованието, вработувањето, како и нивото на приходи, често пати стануваат бариери за жените и нивните можности за јавен и политички ангажман“, нагласува Ѓермени, меѓу другото.

Според неа, во земјите од регионот, политичките партии не се секогаш отворени и пријателски расположени кон жените и девојчињата.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …