Порталб: Се дозволуваат верски манифестации, а не се овозможуваат избори што ќе ѝ помогнат на земјата

Порталб: Се дозволуваат верски манифестации, а не се овозможуваат избори што ќе ѝ помогнат на земјата

Во Северна Македонија се дозволуваат верски манифестации, се очекува утре да почнат со работа кафулињата и другите угостителски објекти, а не се овозможува граѓаните да излезат на избори. Изборниот процес ќе ѝ помогне на државата во решавањето на многу постапки што се во застој, односно државата да чекори по евро-атлантскиот пат, пишува Порталб.мк.

Според аналитичарите, на земјава ѝ се потребни избори, се разбира без да се загрози здравјето на граѓаните. На земјава ѝ е потребен функционален парламент, влада со целосен легитимитет, бидејќи се соочува со многу сериозни економски и социјални проблеми.

„Имајте предвид дека изборниот процес треба да се спроведе што е можно поскоро, имајќи ја предвид и здравствената состојба на граѓаните. Сепак, доколку во следните две до три недели се отворат кафулињата, тогаш зошто не би било возможно да излеземе да гласаме, а да можеме да излеземе да уживаме на кафе – не треба да биде така. Ако се дозволи да излегуваме да пазаруваме и да пиеме кафе, треба да излеземе и да гласаме на избори. Ние мора да ги одржиме овие избори, бидејќи немаме ниту влада, ниту Собрание, имаме само техничка влада и владата треба да го заземе своето место што побрзо, бидејќи во јуни се очекува рамката за преговори и треба да ја прифатиме со целосен консензус на сите политички партии, бидејќи има вредност за следната деценија“, за Порталб.мк вели аналитичарот Петар Арсовски.

Според него, потребна е влада со мандат, бидејќи техничката влада не може да ја прими Рамката за преговорите, а за доброто на државата не е прифатливо пратениците да седат три месеци без ангажман.

Од друга страна, аналитичарот Зуди Џелили вели дека техничката влада имаше мандат да се занимава само со организирање на предвремените парламентарни избори. Но ситуацијата со пандемијата ѝ овозможи да управува со земјата неколку месеци, притоа имајќи го правото и да носи укази и одлуки, кои може да ги носи само парламентот.

„Оваа влада функционира „случајно“ и мерките кои се преземаат не значи дека се најдобрите, времето ќе покаже дека имало многу пропусти. Јас мислам дека земјата што побрзо треба да излезе на избори, за да имаме легитимни институции и целосна ефикасност, за да продолжиме со потребните реформи и со заостанатите прашања во евро-атлантските процеси. Функционирањето на Собранието има голема важност за нормално функционирање на државата, а освен тоа претставува орган кој ја контролира извршната власт. Има многу обврски кои нѐ очекуваат како држава: Преговорите со ЕУ, закрепнување на економијата (особено после потешкотиите кои ги донесе пандемијата), реформите во правосудството, образованието и реформи во други области. Значи, треба да имаме влада која ќе ја добие довербата на граѓаните и целосен суверенитет, за да се справиме со предизвиците што нѐ очекуваат”, вели Џелили за Порталб.

Според него, изборите треба да се спроведат штом се создадат услови, а ако не во јуни, бидејќи е рано, тогаш не и во септември, бидејќи може да биде доцна, но периодот помеѓу би бил соодветно време за нивно спроведување.

Инаку, Собранието на Северна Македонија изгласа техничка Влада во јануари оваа година. која беше предвидена да функционира следните 100 денови, односно до предвремените избори на 12 април. Меѓутоа, заради пандемијата, земјата го одложи датумот на одржување на изборниот процес, со што земјата заостанува во спроведување на реформите во многу области.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …