По добиените предупредувања од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), дека од денеска се до 14 август територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза, Министерството за здравство упати препораки за мерки за заштита на здравјето на населението и спречување на несакани ситуации.
Министерството препорачува:
– Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
– Во детските градинки да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
– Се препорачува сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници.
– Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат проактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, согласно предвидените активности во Акциониот план.
– Бидејќи одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, министерството за здравство ги потсетува работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Покрај овие препораки поврзани со портокаловиот бран, од министерството ги повторуваат и мерките за заштита на здравјето во летниот период.
Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
Треба да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце, да се носат заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна.
Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
Пред влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на свежиот зеленчук и овошје пред нивната консумација.
Храната треба термички да се подготвува, односно на готви на повисока температура, а да се јаде во многу краток рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 Целзиусови степени Целзиус, а пред јадење да се загрее на повеќе од 100 Целзиусови степени.
Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.
Министерството за здравство уверува дека здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети, односно медицински персонал и и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури.
Извор: МЕТА