Посета на претседателот Пендаровски на поликлиниката „Шуто Оризари“

Посета на претседателот Пендаровски на поликлиниката „Шуто Оризари“

Претседателот Стево Пендаровски заедно со амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо и претставници на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје денеска ја посетија поликлиниката „Шуто Оризари“.

Под покровителство на претседателот Пендаровски, амбасадата на Народна Република Кина во земјава донираше еден милион и шестотини илјади денари  на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје за поликлиниката „Шуто Оризари“. Средствата се наменети за опремување на РТГ Кабинет, опремување со медицински мебел и реконструкција на покривот на оваа поликлиника. Посетата на поликлиниката „Шуто Оризари“ е завршната фаза од оваа активност по потпишувањето на меморандумот за соработка и реализацијата на донацијата.

Претседателот Пендаровски истакна дека при денешната посета на поликлиниката „Шуто Оризари“ имале чест на лице место да ја видат донацијата која Народна Република Кина ја направи на Република Северна Македонија и конкретно на оваа општина која според сите стандарди во делот на здравствената заштита е подолу од тоа што е градски или републички просек.

„Кога минатата година за прв пат со господинот амбасадор започнавме да размислуваме каде најдобро би можела да се употреби нивната донација, не ни требаше многу време за да утврдиме дека поликлиниката „Шуто Оризари“ е една од првите која треба да добие таква помош за граѓаните на оваа општина да имаат ниво на здравствена заштита еднакво како сите други граѓани кои живеат во другите општини на државата. Ви благодарам уште еднаш. Ова не е единствената донација која неговата држава ја направи кон нашата држава. Во време на пандемија добивме во неколку наврати медицинска опрема, заштитни маски и други работи. Јас се надевам дека ќе продолжиме во таа насока да соработуваме“, рече претседателот Пендаровски.

Кинескиот амбасадор во земјава, Џанг Ѕуо истакна дека за време на денешната посета на одделите за имунизација, одделот на дежурната служба и рентген кабинетот, имал можност да разговара со вработените медицински лица и подвлече дека е задоволен што се забележува значително подобрување на условите во оваа здравствена установа.

„Претседателот Пендаровски придава големо значење на билатералните односи меѓу Кина и Северна Македонија и одржува пријателски размени со кинеските лидери. Неговата екселенција се сретна со кинескиот државен советник и министер за одбрана Веи Фенгхе во март годинава. Од избувнувањето на Ковид-19, претседателот Пендаровски активно ја промовира соработката меѓу нашите две земји во борбата против пандемијата и промовира пријателски размени со цел корист на народот и продлабочување на традиционалното пријателство меѓу Кина и Северна Македонија“, рече амбасадорот Ѕуо.

Директорот на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје, Виктор Исјановски истакна дека со оваа донација ќе се зголеми нивото на здравствена заштита во овој дел на Скопје, конкретно на граѓаните коишто гравитираат во оваа поликлиника.

„Пред сé донацијата се однесуваше на превентивата, примарната здравствена заштита и делот на специјалистичката служба кадешто за првпат после толку години за првпат ќе се отвори и РТГ кабинетот со којшто граѓаните ќе можат да дојдат да се снимат, со цел тие здравствени услуги да не мора да ги прават во пооддалечените поликлиники“, нагласи Исјановски.

Донацијата е поттик за натамошно изнаоѓање на системски решенија за предизвиците со кои се соочува оваа поликлиника, како и дел од здравствените установи во општините со поголем процент на ромско население, од аспект на медицински кадар, опрема и соодветни просторни услови, како и за постојано вложување во здравствениот систем и овозможување на квалитетни здравствени услуги на сите граѓани подеднакво.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …