Посетата на Брисел, Заев ја почна со средба со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров ја започна работната посета на Брисел со средба со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.

На средбата, поздравени се инклузивните политики на премиерот Заев и заложбите на Владата, низ обединувачки политички процес да се донесат уставните измени, со цел реализација на Договорот од Преспа, како и потребните реформи од Планот 18.

Констатирано е дека ваквиот политички пристап, определбата за решавање на крупните политички прашања со соседите и носењето на реформите во клучните области: правосудството, безбедносните служби, јавната администрација, медиумите, борбата против корупцијата, ја поставија Македонија на вистинскиот пат во европските интеграции.

Пораката е дека ако Македонија продолжи со ова темпо, ако се реализира Договорот од Преспа и ако има имплементација на клучните реформски приоритети, може да надокнади дел од изгубеното време во интеграцискиот процес и со право да се надева на почеток на преговорите во јуни 2019 година.

-Напорно работиме за целосно исполнување на Договорот од Преспа и очекуваме еднакво залагање кај нашите грчки партнери, за што не се сомневаме. Го отворивме процесот на помирување што треба да ги залечи раните од долготрајната политичка криза. Очекуваме, со двотретинска поддршка во Парламентот, до крајот на јануари 2019 година, да имаме усвоени уставни амандмани, што ќе го заокружат процесот кај нас и ќе овозможат Грција да го започне процесот на ратификација на Договорот од Преспа и на усвојување на протоколот за пристапување кон НАТО. Процесот на зачленување во НАТО е наш фокус во 2019 година. Исто така напорно работиме на клучните реформски приоритети, што излегоа како порака од Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ, во јуни 2019 година. Знаеме дека имплементација е важна во процесот и правиме се да ја осигураме, посебно во делот на владеењето на правото, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев се заблагодари на претседателот на Европскиот Совет, Туск за пријателската принципиелна поддршка за европската иднина на Македонија.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, работната посета на Брисел ја продолжува со работен ручек на лидерите на државите од Западен Балкан, со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …