После завршувањето на тендерските постапки и техничките подготовки, на улица „Трајко Николоски“ во населбата „Сточен пазар“, битолската фирма „Стентон градба“ започна со изградба на мостот на Градска река.

„Мостот ќе биде со должина од 24 метри и ширина од 22 метри. Ќе има 4 коловозни ленти, секоја со широчина од 3.5 метри. Од двете страни ќе има пешачки патеки широки 2.5 метри и велосипедски патеки од по 1.5 метри. Изградбата на мостот ќе трае 4 до 5 месеци, а средствата кои за неговата изградба ги одвои Општина Прилеп изнесуваат 35 милиони денари. Можам да кажам дека за неколку месеци, Прилеп ќе го добие најголемиот и најубавиот мост“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Градоначалникот Јованоски појасни дека мостот ќе биде граден со техника на колови, кои ќе ги има 76 на број, а ќе бидат длабоки 13 метри и со дијаметар од 80 центиметри. Исто така, градоначалникот најави дека после изградбата на мостот, Општина Прилеп ќе започне со реконструкција на улицата „Трајко Николоски“, каде се наоѓа мостот.

„Во моментов се врши фундирање на објектот, што претставува најпроблематичната фаза во изградбата на сите мостови, после кои почнува градењето на конструктивните работи, кои се одвиваат со побрза динамика. Овој мост е проектиран и дизајниран според најсовремените европски прописи. Сите останати мостови се работени според стари норми“, изјави Тоде Јовески, кој е задолжен за надзор над градежните работи.

Изградбата на новиот мост е дел од градежната „офанзива“ во општина Прилеп, каде истовремено се работи на целосна реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“, а се реконструираат и рехабилитираат повеќе улици, меѓу кои и „Андон Слабејко“, „Војводинска“, „Самоилова“ и други.