После вчерашниот обилен дожд, екипи на „Водовод“, „Нискоградба“, ТППЕ Битола и останатите јавни претпријатија, делуваа на терен во насока на справување со поројните дождови кои ја зафатија Битола.

За само петнаесетина минути, заврнаа над 40 литри дожд на метар квадратен, со што се поплавија одредени улици и домови.

Делувано е со градобијни ракети за растерување на тешки облаци со град. На терен се забележани многу електрични празнења, кои дополнително ја отежннуваа работата.

Градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска веднаш го повика и одржа состанок со Општинскиот кризен штаб, по што се дадоа насоки за следни делувања. Се интервенираше во населбите Карпош, Јени Маале, населбите Баир, Дулие и влезот кај „Лук Оил“ и ул. „Иван Милутиновиќ“.

Дополнително, контактирано е со надлежните екипи на ЕВН подружница Битола, за постапување по нивните надлежности.

Контактирана е и добиена е поддршка од Дирекцијата и за заштита и спасување за делување на терен.

Од Управата за хидрометеоролошки работи потврдуваат дека состојбата е навистина драматична.