ПОСЛЕДНАТА ФАЗА НА ГРУЕВИЗМОТ

ПОСЛЕДНАТА ФАЗА НА ГРУЕВИЗМОТ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

Кога минатата година мојот драг пријател Александар Диневски велеше дека Грујо е спремен и државата да ја запали само за да остане ден повеќе на власт, мислев оти малку претерува. Дека и покрај тоа што во изминатата деценија се уверивме во неговата бескрупулозност и опседнатост со моќ и пари, тој сепак нема да го премине Рубикон. Арно ама, уште еднаш се покажа дека повикувањето на свеста и совеста на чедото на мајка Нада е чиста имагинација.

Неговата декларирана неконзистентност по однос на ставот кон Албанците е за восхит: еднаш ги третира како нужно зло, друг пат како неопходен коалициски партнер; еден ден се фактор на стабилност, другиот ден душмани кои ја загрозуваат унитарноста на државата…и така со ред, во зависност од дневнополитичките потреби. Тоа е само еден од доказите дека неговото категоризирање во графата „националисти“ е тешка заблуда! Грујо е класичен мафијаш кој за личен профит жртвува сѐ што може да се жртвува: партија, народ, држава.

Подбуцнувачите и ситните профитери кои својот личен став го градат во зависност од пусулчето кое катадневно им стигнува од портокаловиот Центар за лаги и манипулации, секогаш му се тука, при рака. За соодветна финансиска надокнада да го изустат она што тој наумил да го каже. Да бидат неговото алтер его. Така Грујо функционира една деценија. Како никој негов претходник, ја сфати важноста на бруталната пропаганда и не жалеше пари за корумпирање на медиумите. Се разбира, не ги жалеше нашите пари со кои ги плаќаше своите мегафони.

Жолти комбиња, странски служби, Сорос, клети Шиптари, домашни предавници, Заев… Поединечно или комбинирани едни со други, сите тие беа „предмет на обработка“ на медиумските вувузели и универзалните „експерти“. За да на крајот Пастирот повторно заигра на најсигурната карта: дежурните „плашила“ Албанците, зајакнати со струмичанецот кој се фатил ортак со нив за да воведе двојазичност и да ја кантонизира и федерализира нашата Македонија. Небаре Алцхајмер му шета низ становите, Грујо „заборави“ оти Законот за јазици, за албанското знаме и универзитетите на албански јазик, за амнестија на „Хашките случаи“ се негово дело.

Во насока на зајакнување и проширување на хистеричната албанофобија, неговите подопашници со националсоцијалистичка ориентација сѐ погласно го наметнуваат прашањето на процентот на застапеност на Албанците во вкупното население во Македонија. И нормално, за нив нормално, од старт ја пласираат тезата дека нив ги има помалку од 20%, која пак веднаш ја надоградуваат со својата идиотска логика, кои сѐ права во тој случај на Албанците треба да им бидат одземени!? Оти, според нивното поимање на нештата, ако се под 20% тогаш било спротивно и на Уставот и на Рамковниот договор да ги имаат правата кои ги имаат.

Меѓутоа, што ако Албанците се, на пример, 30%? Дали тогаш според логиката на платениците на Грујо, треба да уживаат поголеми права од сегашните?

Ама не, не се толку…

„…сите гледаме, знаеме, чувствуваме дека Албанците не се 25, 22 или 20% од целото население во Македонија, туку се многу помалку“. Така вели една од првите портокалови труби, Сотир Костов. А штом тој вели…И не само тоа, туку Сотир одма се повикува на пописот, кој бил прекинат затоа што се видело дека бројот на албанското население бил драстично намален и албанските попишувачи правеле напори вештачки да го зголемат нивниот број. А Сотир знае зошто е така: заради масовното иселување на Албанците и напуштањето на традицијата на многудетни семејства!

Кога веќе и Сотир и Грујо се единствени во оцената оти албанските попишувачи биле тие кои во 2011 година се обиделе да го фалсификуваат пописот, останува нејасно зошто тогашната „прва полицајка“ согласно Уставот и законите не ги уапсила фалсификаторите? Вака ќе остане сомнежот дека можеби и на груевци не им се допаднале бројките до кои дошле? Или пак дека нешто се матело со оние 14 милиони евра кои се фрлија во бунар, а за кои никој не понесе одговорност?

Како и да е, последната фаза од груевизмот брои ситно. Со формирањето на новата Влада ќе завршат провокациите и тензиите кои најголемото зло во поновата македонска историја свесно ги разгорува. Или да бидам поконкретен, циркусот проследен со „вриштејне и пиштејне“ ќе се префрли во Општинските комитети на ДПМНЕ. Што ќе се случува со збирштината од третокласни „комуњарски“ отпадоци кога идеолошките вмровци ќе дојдат по своето, тешко е и да се замисли…

Дотогаш, отворете ги ширум очите, оти вашите сведоштва за актуелните настани еден ден ќе бидат драгоцени.

Автор:

Чеге Вара                                            Прилеп, ебаго!…….(142) 

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …