Потпишан договорот со ЕБОР за изградба на современи депонии за пет македонски региони

Потпишан договорот со ЕБОР за изградба на современи депонии за пет македонски региони

По долгогодишно одложување на изведбата на регионални депонии по европски стандарди, Македонија денеска го потпиша договорот за обезбедување на заем од 55 милиони евра за воспоставување на регионалните системи за управување со цврст отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион. Средствата се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а имплементатор на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање.

За реализација на овој проект денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини потпишаа договори со Европската банка за обнова и развој. Покрај средствата што се обезбедени од ЕБОР, за изградба на регионалните депонии и набавка на неопходната опрема на земјава ѝ се достапнни и неповратни финансиски средства од ЕУ, Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).

„Со овие договори Владата на РС Македонија обезбедува 55 милиони евра заем по поволни услови од ЕБОР. Дополнително од ЕУ е обезбеден грант од 24,8 милиони евра, приближно 9 милиони евра грант од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и дополнително 1 милион евра од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA)“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој потенцира дека оваа инвестиција е од клучно значење за позелена и одржлива иднина на Република Северна Македонија. Таа ќе придонесе не само кон намалување на загадувањето, што е врвен приоритет за нашите граѓани, туку ќе биде и пример за поттик за развој на нови проекти во областа на циркуларната економија, како и придонес кон регионален развој.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изјави дека воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад значи директна помош на општините од сите региони.

„Новиот пристап ќе овозможи имплементација на подобро собирање, транспортирање и депонирање на отпадот и изградба на санитарни депонии во согласност со националното и ЕУ законодавство за депонии. Инвестицијата опфаќа и набавка на контејнери за комунален отпад и набавка на возила за собирање комунален отпад. Дополнително, ќе работиме и на развивање навики и подигање на свеста кај населението за селекцијата на отпадот и придобивките што ги имаат од тој процес”, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

Според Нуредини, станува збор за долгоочекуван процес на имплементација на Регионалниот проект за управување со цврст отпад според европските стандарди, процес што бара големи финансиски средства и во исто време треба да биде достапен за домаќинствата и правните лица.

„Конечно, по 31 година независност, Северна Македонија сериозно инвестира во изградба на инфраструктура за управување со отпад според европските стандарди, што ја потврдува нашата посветеност како Влада и Министерство за реализација на зелената агенда на земјата. Дополнително, управувањето со отпадот во согласност со пропишаните стандарди на ЕУ ќе обезбеди имплементација на принципите на циркуларната економија во земјата”, дополнува министерот Нуредини.

Инаку, клучен момент во воспоставувањето на регионалните системи за управување со цврст отпад ќе биде изградбата на регионалните депонии во општините Гостивар (Полошки регион), Новаци (Пелагониски и Југозападен регион) и Василево (Југоисточен и Вардарски регион).

Од ЕБОР информираат дека швајцарската финансиска поддршка ќе биде распределена за финализирање на рехабилитацијата на депонијата во Полог и за понатамошен развој на институционалното управување на регионално и локално ниво во секторот.

Финансиската помош од Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија, ќе биде искористена и од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, во делот на проширување на нивните надлежности во секторот на цврстиот отпад, вклучувајќи и подготовка на нова тарифна методологија.

Проектот, вклучува и компонента за инклузивни и социјално одговорни јавни набавки, финансирана од Инвестициската програма за Западен Балкан (WBIF), преку која ќе се обезбеди обука на припадници од Ромската заедница и жени, и ќе се даде пример, како големите инфраструктурни проекти во секторот на цврстиот отпад можат да придонесат кон инклузивност.

Покрај тоа, се очекува поддршка преку Инвестициската програма за Западен Балкан (WBIF) во средства во висина од 22,3 милиони евра, како и 2 милиони евра за изработка на студии за развој во двата региона. Подготовката на проектот и претстојната имплементација се поддржани од Шведска меѓународна агенција за соработка и развој (SIDA), со финансиски средства од 1 милион евра.

„Проектот е во согласност со Парискиот Договор, и со следење на одребите од истиот, значително ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови, со проценето намалување на емисиите од еквивалентн на околу 182.000 тони јаглероден диоксид годишно“, информираат до ЕБОР.

Инаку, Мета.мк повеќе од две години наназад пишува околу проблемот со бавната реализација на регионалните системи за управување со отпад во земјава, кои се одложуваат со години наназад. Пред два месеца, во соработка со Порталб.мк ги прашавме и општините каде треба да се градат трите регионални депонии со средствата од ЕБОР (Новаци, Гостивар и Василево) околу нивната истрајност за да ги реализираат овие проекти.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Италијанските супермаркети „Конад“ влегуваат на македонскиот и црногорскиот пазар

Италијанските супермаркети „Конад“ влегуваат на македонскиот и црногорскиот пазар

Според анализите се очекува отворањето на супермаркетите „Конад“ да придонесе во отворање на нови работни …