Вакцини

Повторно се верглаат познатите теории на заговор за вакцините

Фактите говорат дека вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година

Објавата тврди дека вакцинацијата била еден од најголемите „гревови и злостори над човештвото“. Ваквото тврдење на нуди никакви докази и факти за да биде поткрепено, туку се пасира произволно, ширејќи притоа негативни чувства кај граѓаните кон вакцинацијата. Наспроти тоа, фактите говорат дека вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година, пишува „Вистиномер“.

Анализираме објава на Фејсбук во која се вели:

SITE OD VLADA I PARLAMENTOT DA SE “VAKCINIRAAT” I TOA NE SO “PLACEBO” I SO LAŽNI “ŠPRICEVI I INEKCII”, TUKU SO VISTINSKITE “VAKCINI”, KOI ŠTO SODRŽAT NANO ČIPOVI, GRAFEN OKSID I RAZNOVIDNI OTROVI I DRUGI TOKSINI, KOI ŠTO IM GO DAVAAT NA NARODOT… !!! VAKCINACIJA – EDNA OD NAJGOLEMITE GREVOVI I ZLOSTORI VRŠENI NAD ČOVEŠTVOTO… !!!

Тврдењата дека постојат „лажни“ и „вистински“ вакцини против ковид-19 не се нови и како што сме пишувале и претходно, истите се неосновани и се шират без докази. Споделувањето на вакви непроверени информации можат да создадат забуна во јавноста.

Понатаму, објавата ги вергла добро познатите теории на заговор дека вакцините содржат нано чипови и графен оксид.

Тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните, експерти по имунологија ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица. Извесен доктор Мет Шелтон, на пример, тврдеше дека во вакцината на Фајзер има наночестички кои се составуваат во телото (поточно тврдеше дека има микроскопски самосоставувачки електронски компоненти регуларни геометриски форми кои никогаш не се појавуваат во природата), по што стотици измамени граѓани кои поверуваа во оваа невистина повикуваа на детоксикација на вакцинираните за, како што велеа, да ги извадат овие несакани тешки метали и слободни радикали надвор од телото.

Потоа, медицинскиот совет на Нов Зеланд ја прогласи неговата суспензија заедно со двајца други доктори, поради тоа што го истражувале нивното однесување со пациентите во контекст на ковид пандемијата.

Од „Фајзер“ за проверувачи на факти од Нов Зеланд изјавија дека на нивната листа на состојки нема електронски компоненти во склоп на составот.

Експерти тврдат дека наводите за нанотехнологија во вакцините против ковид-19 се невистина.

Нема електронски компоненти во нив воопшто. Вакцината на „Фајзер“ е всушност солена вода со честички коишто пловат, а кои се направени од масти познати како липиди, а кои содржат деликатни делови од мРНК што е многу честа молекула во нашите тела, вели доктор Кајли Квин од Универзитетот за здравје и биомедицински науки.

Професорот на Универзитетот Квинсленд, Кит Чапел вели дека тврдењето за нанотехнологија во вакцините е смешно.

мРНК вакцините содржат наночестички ама тие се состојат од липиди и молекули на холестерол. Овие се слични на микроскопски точки од масти коишто ја носат вакцината во клетките. Ова дефинитивно не се електронски компоненти и ова нема смисла на ниедно ниво, изјави тој.

Што се однесува до тврдењето изнесено во текстот што го анализираме, дека во вакцините против ковид има графен оксид и тоа не е точно.

„Вистиномер“ на оваа тема веќе има пишувано.

Графен оксид е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата,  е објаснето во напис  објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година.

„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Не е на листата на состојки и нема никакви шанси да е присутен, изјави Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг на Институтот за технологија Масачусетс.

И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, се гледа дека во нивниот состав нема графен оксид.

Објавата тврди и дека вакцинацијата била еден од најголемите „гревови и злостори над човештвото“. Ваквото тврдење на нуди никакви докази и факти за да биде поткрепено, туку се пласира произволно, ширејќи притоа негативни чувства кај граѓаните кон вакцинацијата. Наспроти тоа, фактите говорат дека вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека објавата која ја анализираме е невистинита.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

рек битола ЕСМ

Како РСМ да ги избегне штетите од климатските промени?

Македонија може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до …