По неколку часа откако ЕВН ја исклучи струјата во „Железници Транспорт“ поради долг од 6,5 милиони евра, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека струјата во оваа институција е повторно вклучена.
Тој најави дека ќе се реши проблемот и со другите државни институции коишто со години натрупувале големи долгови за потрошената електрична енергија, како што е Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, чиј долг изнесува седум милиони евра.
„Владата предвиде средства и штом Собранието ќе ја направи прераспределбата на средствата во Буџетот, ќе се платат сметките на должниците“, рече премиерот.
Исти уверувања денеска изрази и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Веќе во овој момент во ‘Железници Транспорт’ има струја. Премиерот, вицепремиерот и министерот за финансии кажаа дека ќе се платат долгови кон ЕВН и тоа е сосема доволно за кој било економски оператор да сфати дека тоа е Влада и држава и оти не треба никакви други гаранции“, рече Битиќи.
ЕВН им даде рок на големите должници до 15 декември да ги подмират долговите и најави дека, во спротивно, ќе им биде исклучена струјата.