Дел од врвните европски дипломати гледаат позитивно поместување во позициите на Париз за старт на преговори со Македонија и Албанија. Проценката на Жан Аселборн, шефот на дипломатијата на Луксембург, е дека ако Франција на 24 март каже „да“, тоа ќе го следат и другите воздржани членки, пред се Холандија и Данска. Еден од најдолговечните министри за надворешни работи во Унијата, влијателен ветеран во дипломатијата, кој ги следи македонските интеграции уште пред кандидатскиот статус, денеска во Скопје ги предупреди другите членки на Унијата, при носењето на одлуките, да го имаат предвид регионалниот контекст.
Моето убедување е дека ако Франција заземе позитивен став, тоа ќе го следат и другите земји-членкиЖан Аселборн, министер за надворешни работи на Луксембург.
„Моето убедување е дека ако Франција заземе позитивен став, тоа ќе го следат и другите земји-членки. Секоја држава си има свои принципи и интереси, но треба да се биде свесен за предизвиците. Ова не е шега. Ако сега не успееме, освен што ќе се наштети на вашата земја, тоа ќе ја наруши и европската политика на Балканот. Треба да се мисли на заклучоците од Солун од 2003 година кога беше кажано дека местото на регионот е во ЕУ“ изјави Жан Аселборн, министер за надворешни работи на Луксембург.
„Благодарен сум што најде време да дојде со една порака – заслуживте да ги почнете пристапните преговори со ЕУ“ рече Никола Димитров, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Една од клучните пораки на поддршка пред состаноците на врвот на Европската унија на крајот од март се очекуваат на утрешното министерско заседание во Скопје со кое ќе се означи заедничкото претседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес. Освен шефицата на бугарската дипломатија Захариева, најавено е и присуството не Хајко Мас, министерот за надворешни работи на Германија, клучна и најмоќна земја-членка на Унијата, силен поддржувач на натомошното проширување.
Извор: VOA