Позитивни тонови од Загреб за ЕУ-перспективата на С. Македонија

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, верува дека процесот на доделување датум за почеток на преговори со Скопје и Тирана ќе се деблокира до самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан закажан за мај во Загреб

Позитивни тонови за иднината на проширувањето и за ЕУ-перспективата на С.Македонија произлегоа од денешниот состанок на новата Европска комисија и државниот врв на Хрватска – земјата-членка која пред 10 дена го презеде претседавањето со Унијата.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, верува дека процесот на доделување датум за почеток на преговори со Скопје и Тирана ќе се деблокира до самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан закажан за мај во Загреб.

„Го отворивме за нас важното прашање, во политичка смисла, за проширувањето кон југоистокот на Европа, кон нашите соседни земји. Затоа, овде на почетокот на мај ќе имаме состанок. Сакаме да внесеме нова динамика и да можеме да ја решиме и деблокираме ситуацијата околу преговори со С. Македонија и Албанија“, рече Пленковиќ.

Претседателката на Европската комисија прецизира дека наредниот месец ќе биде клучен. До тогаш Урсула Фон дер Лајен очекува да се изготви новата методологија за проширувањето со што би се задоволиле барањата на Франција – прво реформа во Унијата, па датум за преговори. Овие два процеса, според шефицата на Комисијата, треба да се движат паралелно, а не одвоено.

Уверена сум дека овој процес не треба да оневозможи почеток на пристапни преговори со С. Македонија и Албанија. Од нив многу баравме, тие исполнија и затоа сега ние треба да испорачаме и да ги исполниме ветувањата
Урсула Фон дер Лајен, Претседателка на ЕК

„Треба да најдеме начин, паралелен процес за С. Македонија и Албанија да има отворена врата. Значи, ова е паралелен процес – обновување на методологијата на пристапување и да продолжиме со процесот со овие две земји. Уверена сум дека овој процес не треба да оневозможи почеток на пристапни преговори со С. Македонија и Албанија. Од нив многу баравме, тие исполнија и затоа сега ние треба да испорачаме и да ги исполниме ветувањата“, рече Фон дер Лајен.

За ова прашање денеска разговарале и вицепремиерот за европски прашања и францускиот амбасадор. Османи и Тимоние, според владиното соопштение, се согласиле дека „Северна Македонија и останатите земји од регионот немаат друга алтернатива освен полноправното членство во ЕУ“.

Извор: VOA

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …