Прашањето за употребата на јазиците е испит кој Европа сè уште не го положила со успех

Прашањето за употребата на јазиците е испит кој Европа сè уште не го положила со успех

Пишува: м-р Анита Ангеловска

Почитувањето, заштитата и унапредувањето на човековите и на правата на припадниците на малцинствата во мултиетничките општества на кои тие припаѓаат, се основниот услов за прогрес на човештвото. Тоа е и базичниот критериум според кој се оценува и владеењето на правото во државите.

Образованието на мајчин јазик претставува една од основните потреби на секоја етничка заедница, а воедно има и мошне значајна интегративна улога како на рамниште на одделни држави, така и во рамките на европската интеграција. Истражувањата од оваа област покажуваат дека постои позитивна релација меѓу степенот на воведеност на мултилингвалниот принцип и степенот на применетост на човековите права и слободи. Големата разноликост во образовните системи во европскиот регион, особено меѓу земјите – членки на ЕУ, е одраз на законската, политичката, културолошката и филозофската разновидност, што претставува загрижувачки податок кој покажува дека прашањето за употребата на јазиците, е испит кој Европа сè уште не го положила со успех. Да не се овозможи пристап до одредени придобивки за поединците од малцинствата, или тие да бидат ставени во нееднаква положба поради нивната вероисповед или нивниот јазик – во одредени услови – повеќе не е дозволиво.

Ако направиме компаративна анализа на образовните системи во мултиетничките општества во однос на јазикот на образованието во македонската и европските практики, ќе дојдеме до интересни сознанија. Секоја држава на различен начин го решила, или воопшто не го решила проблемот на интеграција на етничките заедници во образовниот систем. Тезата дека различностите се богатство, во овој случај не важи, бидејќи Европската заедница како целина би требало да промовира единствен систем на заштита на националните малцинства, онака како што налагаат документите за човекови права.

Она што изненадува е дека Македонија, како држава која со години се измачува со задоволување на стандардите за влез во европското семејство, е на неколку скалила над останатите долгогодишни членки и основачи на Европската унија, во однос на демократските процеси во системот на заштита на човековите права. На дното на оваа пирамида се наоѓа Грција, а веднаш зад неа се Франција, Бугарија и Албанија. Србија се наоѓа на исто рамниште со Холандија и Норвешка, држави со долгогодишна демократија, а над сите нив се рангира Македонија, веднаш зад Белгија, која според податоците од истражувањето, ги задоволува највисоките критериуми за заштита на националните малцинства.

Доколку критериумите за влез во ЕУ значат унифицирање во секој поглед, тогаш некои нејзини членки би требало да бидат исклучени од Унијата и чекор по чекор да ги поминат сите реформски стапки за кои самите толку „ревносно“ се залагаат кога станува збор за прием на нови членови. Реформите во образованието и во признавањето и вклучувањето на малцинствата во сопствената држава, ќе ја направат Европа подобро место за живеење.

Зачудува фактот, како меѓународната заедница замижува на низа дискриминаторски постапки во политиката на нејзините членки кон малцинствата во нивните земји? Зошто се игнорира однесувањето на овие држави, кога сите нивни извештаи говорат за алармантно кршење на човековите права? Каде се еднаквоста, слободата и правдата, како основни принципи на демократијата, кога во лавиринтите на европските институции се заглавени илјадници луѓе кои бараат да се почитува нивното право да бидат различни од мнозинството?

Единствен начин за унапредување на правата на малцинствата во однос на образованието на мајчин јазик, е вистински да се почитуваат и да се имплементираат документите кои ги заштитуваат овие луѓе – Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за заштита на регионалните и малцински јазици.

Сепак, ако споредиме кое малцинство е во поповолна положба во однос на правата на малцинствата во мултиетничките општества, тоа се „автохтоните“ или „територијални“ малцинства, кои историски живееле на одредена територија. Нивното постоење е респектирано и признаено од сите европски држави и тие, сакале или не, се соочуваат со проблемот на разрешување на нивната положба и барањата кои произлегуваат од нивниот статус. Она што претставува предизвик, особено за развиените европски држави, е како тие да се соочат со „неавтохтоните“ или „нетериторијални“ малцинства, кои настануваат со миграционите движења, поради верски, политички или економски причини? Тие скоро и да немаат статус на малцинства во државите, бидејќи во повеќето случаи се третираат како случајни минувачи во конкретната земја, кои треба да бидат лојални кон државата која ги примила и да се прилагодат кон нејзините правила.

На крајот, сепак би сакала да предупредам на последиците кои можат да се јават доколку дојде до преголема колективизација на правата на малцинствата. Опасноста која ги следи мултиетничките демократски држави е нивната сегрегација, гетоизација, или како најлоша варијанта барањето за локална самоуправа на малцинствата, што може да предизвика нови проблеми, во смисла на создавање ново малцинство во рамки на поранешното. Државите треба интензивно да работат на градење систем за подигнување на граѓанската свест кај припадниците на малцинствата, но и на нивна интеграција во општествениот живот. Преголемата јазична изолираност на малцинствата во образовниот систем може да доведе до непознавање на службениот јазик, до нивна дезинтеграција и до неконкурентност на пазарот на трудот.

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …