Прашање без одговор од општините: Колку дрвја ќе посадите за спречување на климатските промени

Прашање без одговор од општините: Колку дрвја ќе посадите за спречување на климатските промени

Едно од најактуелните прашања во светот не е само колку државите со своите национални планови за климатска акција ќе успеат да ги намалат емисиите на стакленички гасови, туку и колку локалните власти и другите чинители во општествата ќе им се придружат на државните власти во запирање на глобалното затоплување и во почитување на Климатскиот пакт од Глазгов и Парискиот договор за климатски промени.

За да дадат сопствен придонес во борбата против климатските промени, локалните власти на Париз есенва објавија дека имаат детален план за засадување на нови дрвја во францускиот главен град. До 2026 година, во Париз ќе бидат засадени 170.000 дрвја на секоја можна локација каде што има простор за оваа намена, почнувајќи од постојните паркови, плоштади и улици, до урбаните автопати околу францускиот главен град.

Покрај тоа, париските локални власти пред јавноста се обврзаа да продолжат да се грижат и за постојните 200.000 дрвја што се наоѓаат на нивната територија. Уште од 2014 година постои автоматизираниот систем кон фондот на дрвја на Париз, којшто на годишно ниво следи во каква состојба се наоѓа секое одделно дрво во градот, врз основа на дигитална идентификација на ова природно богатство.

Следејќи го ваквиот позитивен пример, и други европски градови се натпреваруваат меѓусебно кој ќе направи поамбициозен план за зголемување на зелените површини на нивната територија, како би дале сопствен придонес за намалување на влијанието на климатските промени.

Дрвјата единствено ги апсорбираат штетните гасови што се испуштаат во атмосферата. Па затоа, Новинската агенција Мета се одлучи да праша дел од општинските власти од поголемите градови во земјава што тие планираат да преземат како нивен придонес во засадувањето на нови дрвја и одржувањето на постојниот фонд на дрвја со коишто тие располагаат.

Прашањата ги испративме на 15 ноември до Град Скопје, Општина Битола и Општина Куманово, а одговор добивме единствено од битолските локални власти. Телефонски пробавме да стапиме во контакт и со Градот Скопје и со Општина Куманово, но и покрај ветувањата за одговор, не успеавме да дознаеме колку дрвја ќе бидат засадени од нивна страна во наредните 4 години.

Исто така, од Градот Скопје не добивме одговор дали и кога планираат да го надоградат постојниот Зелен катастар, но и дали е можно главниот град да добие дигитална идентификација за фондот за дрвја, со што би се унапредиле сознанијата за тоа во каква состојба се наоѓаат постоечките дрвја на негова територија.

Од Општина Куманово, пак, не ни одговорија на прашањето дали и кога планираат да започнат со изработка на попис на дрвјата на територијата на најголемата општина во земјава, а не го дознавме ниту бројот на дрвја што планираат да го засадат во периодот до 2025 година.

Од Општина Битола за Мета велат дека се наоѓаат во фаза на јавна набавка за изработка на Зелен катастар, со кој ќе се изврши инвентаризација на дрвјата на територијата на нивната општина.

Намерата на новата локална самоуправа во Битола е да се зголеми бројот на зелени површини во наредните 4 години, особено во периферијата и на околните ридови, како што се: Билбил камен, Кркардаш и други места. Акциите за засадување на дрвја би се вршеле во соработка со претпријатијата „Комуналец“, „Македонски шуми“, донатори и граѓански здруженија.

„Во моментот се изготвуваат и предлог програмите и предлог буџетот кои треба да бидат усвоени од страна на Советот на општина Битола и да бидат имплементирани во следниот период. При изготвувањето на документацијата, основна појдовна точка е состојбата со животната средина, барањата на граѓаните, но и обврските кои потекнуваат од усвоените стратешки документи на локално или централно ниво“, наведуваат од Општина Битола.

Наредната година ќе има мерки и во делот на пошумувањето, како и останати мерки поврзани со климатските промени и животната средина, ветуваат битолските општински власти.

Инаку, на Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26), што во ноември се одржа во Глазгов, повеќе од 100 светски лидери, вклучувајќи го и Бразил на чија територија се наоѓа Амазон, се согласија дека ќе го спречат уништувањето на шумите до 2030 година, но и дека ќе преземат мерки за поправање на досегашните штети преку враќање на претходната состојба со шумскиот фонд. Притоа, за земјите во развој на КОП 26 се обезбедија 19,2 милијарди долари за спречување на уништувањето на шумите.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …