Пратеничката Корубин го обвинува Милевски за недемократско управување со ЛДП

Пратеничката Никица Корубин, го обвини претседателот на ЛДП, Горан Милевски дека начинот на кој управува со ЛДП, е апсолутно недемократски. Таа го доведува под прашање и Собранието на кое тој вчера доби втор мандат од делегатите. Корубин побарала и оставка од Милевски, но како што изјави за Фокус, била игнорирана.

„Подолг период нема демократија во ЛДП. Органите на партијата се претворија во органи каде се спроведуваат одлуки донесени во тесни кругови на луѓе. Има нетранспарентност во работењето кај претседателот на партијата, нетранспарентен беше и изборот на кадри кои ЛДП ги понуди за функционери. Тука е и начинот на кој беше организирано самото собрание. Редовното требаше да се одржи на први февруари, но наместо тоа беше одржано вонредно што само по себе повлекува низ неправилности“, изјави Корубин.

За неа се неприфатливи изјавите на Милевски, во кои тој оди контра политиките на Владата, бидејќи, посочува Корубин, ЛДП е коалиционен партнер и има механизми внатре во коалицијата како да се изразат различните гледишта. Од тие причини, пратеничката Корубин на својот фејсбук профил објави статус со кој најави дека во Собранието на Република Македонија ќе настапува како независна пратеничка, а во ЛДП ќе делува како фракција:

„Почитувани, сакам да ве информирам, дека од денес настапувам како независен пратеник/ЛДП во Собранието на Република Македонија, во рамките на пратеничката група на СДСМ и коалицијата. Утре ќе го известам Претседателот на Собранието на Република Македонија. Во рамките на ЛДП ќе делувам како фракција. Ако сакаме демократија во општеството, мора да имаме демократија во политичката партија. Лошите пракси во политичката партија се рефлектираат во државата и општеството. Затоа мора да се спротиставиме на секое нарушување на принципите на делување по правила и стандарди, бидејќи политиката не е за личниот, туку за општиот интерес. Од секого од нас зависи, само доколку ја разбереме моќта на позицијата која ја имаме“, напиша Корубин на својот фејсбук профил.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …