Правдата да ги стигне недопирливите, законот неказнивите

Правдата да ги стигне недопирливите, законот неказнивите

Пишува: Жарко Стеваноски

Сериозноста на процесите кои се одвиваат не оставаат дилема дека овој пат голата реторика и само-декларирањето за нашето про-ЕУ и про-НАТО расположение, нема да поминат без суштинска трансформација на општествениот систем до најситната пора на нашето живеење. Не и овој пат.

Овој пат ќе мораме да покажеме дека имаме грам повеќе свест за да станеме двигатели на сиот тој процес. Свест пред сѐ за себе, за сопствените можности и капацитети, за себевреднувањето и вреднувањето на останатите во процесот на реформите. Свест да сфатиме дека не можеме да бидеме тоа што реално не го заслужуваме, ами дека несебично треба да придонесеме во рамките на сопствените можности и квалитети за креирање на систем во кој секој од нас ќе си го најде соодветното место од кое нема да очекува милостина, туку задоволство од сработеното.

Токму пред истекот на законски предвидениот рок за поднесување на обвиненија кои произлегуваат од прислушуваните разговори, од СЈО стигнаа најави за обелоденување на нови обвиненија против криминалните екс и актуелни државни структури. Тоа, во корелација со присуството на Рајнхард Прибе, природно релаксираниот но интензивен пристап кон креирање нова добрососедска политика и внатрешното присуство на нашиот сојузник НАТО, имплицираат состојби кои во функционална смисла ќе ја дефинираат динамиката на длабинското имплементирање на реформите.

Процесите кои претстојат: реформа на сите ешалони на власта, замена на канцерогените со здрави институционални клетки, подготовка на едни поинакви локални избори во кои до израз ќе дојдат квалитативните можности на поединецот, наспроти квантитативните можности на партијата да исфрли на површина било кој, се чекори кои ќе ги следат центрите кон кои се стремиме.

Пролонгирањето на “сабја“ ефектот по сите норми треба да падне на вратот на криминалната структура, која сѐ уште од слобода неказнето се факторизира во јавниот простор. Во штотуку почнатите реформи ќе мора да биде имплементирано и барањето на граѓаните кои со право очекуваат да бидат сведоци на процесот во кој правдата ги стигнува недопирливите, а законот до вчера неказнивите.

Деновите кои следат ќе ни го покажат вистинскиот пат по кој ќе се движиме, времето кое ќе го потрошиме за да сфатиме дека шаблонот по кој сме ја граделе оваа држава повеќе не функционира. Дека зборовите повеќе не се доволни и дека теоријата и праксата овој пат мора да се единствени во водење на државната политика. Не за друго, ами за да се задржи надежта кај народот дека работите можат да бидат подобри.

Затоа, оставете ги суетите зад себе, зграбете го цврсто кормилото на личната кадарност и несебично помогнете во градењето на иднината. Онаа иднина која им ја посакувате на вашите деца.

 

Прочитајте повеќе

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев за неделникот „Фокус“ Извинете, згрешивме!? Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина …