Правна бура по одлуката на Уставниот суд

Правна бура по одлуката на Уставниот суд

Линијата меѓу уставната контрола и судската независност се најде во фокусот на јавноста по потегот на Уставниот суд да ги алармира Обвинителството и Судскиот совет за постапувањето на граѓански судија во случајот на новинарката Наташа Стојановска. Одлуката предизвика различни толкувања и реакции во правните кругови.

Адвокати и претставници на судската власт предупредуваат на можни импликации врз судската независност, откако Уставниот суд во петокот (7.08) ги извести Обвинителството и Судскиот совет дека граѓански судија не спровел негова одлука во постапка поврзана со загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска за време на упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

Судот на тој начин за првпат примени механизам за заштита на сопствените одлуки и порача дека нивната конечност и извршност се заштитени и со кривичноправни санкции кога не се спроведуваат.

Јошевска-Анастасовска: Се отвораат прашања за судската независност

Членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, во објава на социјалните мрежи го изнесе својот личен став. Вели дека станува збор за потенцијално загрижувачки преседан.

„Испраќањето одлука на Уставниот суд до Судскиот совет ‘за понатамошно постапување’, во која толкување на процесен закон од страна на редовен судија во сè уште незавршена постапка се квалификува како ‘неизвршување на одлука на Уставниот суд’, со имплицирање кривична одговорност, отвора сериозни прашања за границите меѓу уставната контрола и судската независност. Би рекла дека допира и прашања на можен институционален притисок“, вели Јошевска-Анастасовска.

Сниматели со камери
Уставниот суд ги алармираше Обвинителството и Судскиот совет за постапувањето на граѓански судија во случајот на новинарката Наташа Стојановска

Туфегџиќ: Наместо кривична одговорност, потребни се обуки за судиите

Адвокатот Владимир Туфегџиќ смета дека соопштението и образложението на одлуката на Уставниот суд веројатно имаат цел да го нагласат значењето на неговите одлуки, но оценува дека тоа е направено на погрешен начин.

„Со образложението на ’уставната’ одлука се прави токму она што е стриктно забрането согласно практиката на Европскиот суд за човекови права. Однапред се создава амбиент на вина и осуда на еден судија. Очекував во најмала рака Уставниот суд, токму поради овој предмет, наместо да бара кривична одговорност за судија, да укаже на потребата судовите и Академијата за судии и јавни обвинители да спроведат обуки за правилна примена на одлуките на Уставниот суд и воспоставување воедначена судска практика во иднина“, посочува адвокатот.

Тој додава дека во државата со години се создава практика на игнорирање на одлуките на највисоките судски инстанци.

„Праксата на непочитување и игнорирање на одлуките на највисоките судови ние самите ја воспоставивме со тоа што ги поставивме работите така што одлуките на Врховниот суд не се задолжителни за пониските судови. Со ваквиот пристап се создаде амбиент во кој за исто правно прашање, за кое Врховниот суд веќе одлучувал, се применуваат различни толкувања“, вели Туфегџиќ.

Адвокатите предупредуваат на пречекорување на надлежностите

Од адвокатската канцеларија „Давидовиќ-Јанковиќ“ оценуваат дека одлуката на Уставниот суд претставува „институционален крик и обид за конструкција на некаков уставно-судски авторитет на терен каде што позитивното право едноставно не му го дава“.

„Анализирано низ строго формално-правна димензија, Уставниот суд со овој потег прави опасен чекор кон пречекорување на своите уставни надлежности и отворено се обидува да се наметне над редовното судство, преземајќи улога на надсудски орган кој дели директиви и се заканува со кривични пријави за правни ставови донесени во законски предвидена судска постапка“, велат од канцеларијата.

Според нив, се занемарува основната законска и уставна гаранција дека судијата не може да биде повикан на кривична или дисциплинска одговорност, ниту пак да биде разрешен за искажано мислење, заземен правен став или донесена одлука при вршењето на судската функција. Овој функционален имунитет е темелот на судската независност и постои токму за да го заштити судијата од надворешни притисоци и институционални хајки кога суди според сопствено убедување и според пишаниот закон. Судијата го толкува законитото право во конкретниот предмет, а не желбите на Уставниот суд, се наведува во нивниот став.

Адвокатите оценуваат дека мешањето на Уставниот суд во фаза кога постапката по редовните правни лекови не е завршена, претставува директен притисок врз инстанциската контрола што треба да ја извршат повисоките редовни судови.

Упадот во Собранието на Република Северна Македонија на 27 април 2017 година
Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија на 27 април 2017 година

За кој случај станува збор?

Уставниот суд во петокот ги извести Обвинителството и Судскиот совет дека граѓански судија не спровел негова одлука и ја отфрлил како нов доказ во постапка поврзана со загрозување на безбедноста на новинарката Наташа Стојановска во случајот „27 април“.Судијата се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка и оценил дека одлука на Уставниот суд не може да претставува нов факт или нов доказ што би бил основ за повторување на постапката.

Од Уставниот суд, пак, сметаат дека ваквите случаи треба да се разгледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот и посочуваат дека Основниот граѓански суд Скопје и претходно воспоставил практика да ги зема предвид нивните одлуки кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата.

Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија на 27 април 2017 година.

Подносителката, како акредитирана новинарка на телевизијата „24 Вести“, била присутна во Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на законодавниот дом. По насилниот упад во собраниската зграда, таа тврдела дека била изложена на закани и заплашување, била спречена да ја извршува својата новинарска задача и не добила соодветна заштита од надлежните државни органи.

Уставниот суд на 12 јули 2025 година донесе одлука со која го трасираше патоткако судовите треба да постапуваат во иднина во тужбите поднесени од страна на новинари за случувањата од 27 април 2017 година во Собранието, кога е повредена нивната уставно загарантирана слобода на изразување при известувањето за „крвавиот четврток“.

Судот тогаш утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски  и тоа со две пресуди, една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелацискиот суд Скопје исто од 2021 година. Ваквата пресуда беше оценета како исклучително битна, затоа што со неа за првпат Уставниот суд утврди повреда на позитивните обврски на државата да обезбеди заштита на новинарите при извршување на нивните професионални обврски, односно информирање на јавноста.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Мицкоски Кочоска јавниот долг

СДСМ: Кочовска и Мицкоски незаконски го фингираат јавниот долг

Откако Социјалдемократскиот сојуз на Македонија јавно објави документ за ново планирано задолжување од 1,3 милијарди …