Новата школска година во Северна Македонија започнува со помал број ученици, оптимизација на паралелките и привремено затворање на 26 подрачни училишта. Министерката за образование Весна Јаневска на прес-конференција соопшти дека во образовниот систем годинава ќе има 433 паралелки помалку.
Во образовниот систем моментално има околу 238.000 ученици, од кои 174.000 се во основно, а 64.000 во средно образование. Според податоците со кои располага Министерството за образование и наука, досега се запишани 14.952 првачиња и 16.932 ученици во прва година во средното образование. Конечните бројки ќе бидат познати по завршувањето на дополнителните уписи.
Оптимизација на паралелките и помалку ученици
Поради намалениот број ученици, Министерството спроведува оптимизација на паралелките во училиштата, што подразбира спојување на помали паралелки со цел учениците да имаат подобри услови за социјализација и учење.
„Не е тајна дека со години опстојуваат две паралелки со по два ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме, со што во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава, од кои 222 во основното и 211 во средното образование“, изјави Јаневска.
Таа оцени дека станува збор за позитивна промена која е во интерес на учениците и нагласи дека ниту еден редовно вработен наставник не останал без работа поради оптимизацијата.
Според најавите, во учебната 2026/2027 година ќе има значителнопомал број ученици во споредба со претходните години. По завршувањето на уписите се очекува бројот на првачиња да биде за најмалку 3.000 помал од лани.

Времено затворање на 26 подрачни училишта
Дополнително, 26 подрачни училишта во руралните средини привремено се затвораат поради недостиг на ученици. Во дел од нив нема ниту едно запишано прваче, а во други наставата ја следеле само по неколку ученици.
Учениците од овие училишта наставата ќе ја продолжат во најблиските поголеми училишта. Според министерката, вкупниот број училишни објекти во кои нема ученици достигнал 148.
Според податоци на Државниот завод за статистика, лани во редовното основно образование биле запишани 174.040 ученици, а во средното образование 67.540 ученици, односно вкупно 241.580 ученици. Минатата учебна година во прво одделение биле запишани 17.921 ученик. Во споредба со досега евидентираните околу 14.950 првачиња, годинава се забележува значително намалување, иако конечната бројка ќе биде позната по завршувањето на дополнителниот уписен рок.
Владата ги проширува капацитетите на училиштата
Јаневска истакна дека Министерството и Владата продолжуваат со инвестиции во образовната инфраструктура и ги поддржуваат општините во воведувањето едносменска настава.
„Во моментов Министерството за образование и Владата ги прошируваат капацитетите на 14 училишта, пред сѐ во скопските општини, а уште 15 проекти ќе започнат етапно да се реализираат во следните месеци“, рече министерката.
За учениците со посебни образовни потреби ангажирани се 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. За учениците кои поради здравствени причини се на подолго болничко или домашно лекување е овозможено следење на наставата онлајн или индивидуална работа со наставник.
Од Министерството за образование и наука информираа дека учебниците се навремено дистрибуирани и веќе се наоѓаат во училиштата.
ИЈЗ со препораки за здрав и безбеден почеток на школската година
Во пресрет на почетокот на наставата, Институтот за јавно здравје упати препораки до учениците, родителите и училиштата за зачувување на здравјето и спречување на ширењето инфекции.
Од Институтот потенцираат дека редовното и правилно миење на рацете со сапун и вода останува една од најважните превентивни мерки. Се препорачува рацете да се мијат најмалку 20 секунди, особено пред јадење, по користење тоалет и по доаѓање од надвор. Се препорачува и редовна вентилација на училниците, одржување лична и просторна хигиена, како и покривање на устата и носот при кашлање и кивање.
Од ИЈЗ советуваат да не се споделуваат лични предмети, како шишиња за вода, прибор за јадење и други предмети преку кои може да се пренесат инфекции. Дополнително, особено се нагласува важноста на навремената вакцинација согласно календарот за имунизација.
Намалени цени на училишниот прибор до 30 септември
Владата во пресрет на новата училишна година донесе мерки за намалување на цените на училишниот прибор, кои ќе важат до 30 септември 2026 година.
Според одлуката, трговците на големо се задолжуваат да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 проценти, додека трговците на мало треба да обезбедат намалување од најмалку 15 проценти. Мерката опфаќа широк спектар производи, меѓу кои ранци, тетратки, блокови, моливи, пенкала, боици, фломастери, лепила, ножици, шестари, дигитрони, папки и други училишни материјали потребни за почетокот на школската година.
Целта е да се олеснат трошоците на семејствата во период кога традиционално се набавува училишниот прибор за учениците.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место