Пред да влезат во холот в сабота, матурантите ќе ги исклучуваат телефоните и ќе ги оставаат на страна

Пред да влезат во холот в сабота, матурантите ќе ги исклучуваат телефоните и ќе ги оставаат на страна

Пред да влезат да полагаат, учениците мораат да ги исклучат своите телефони и да ги остават на страна. Наставниците можат само да им укажат на учениците да го сторат тоа, но не смеат да ги претресуваат, објаснува директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска за Мета.мк

Во тек се подготовките за претстојното полагање на државната матура кое треба да се случи в сабота, на 1 јуни. Вработени во Државниот испитен центар (ДИЦ) во моментов ги пакуваат веќе испечатените тестови по предметот мајчин јазик. Како што информира директорката Билјана Михајловска за Мета.мк, деновиве во ДИЦ се работи интензивно, по цели денови, за сè да биде подготвено на време.

„Ќе имаме онлајн обуки со тестаторите, ќе им појасниме како да го спроведат тестирањето во голем простор. Ќе бидат ангажирани 2.000 тестатори. Имавме состанок со претставници на Сојуот на средношколци, им појаснивме на учениците многу работи. Во некои училишта им кажале дека нема да може да користат вода, што не е точно. Никогаш не било забрането ученикот да си понесе вода, сок или некој ‘енерџи’ бар“, вели Михајловска.

Таа појаснува дека имало и дезинформации околку излегувањето од училница во текот на полагањето.

„Во тоалет секој ученик може да појде ако за тоа има потреба. Претходните години се случуваше ученици да си излезат на пауза, да си испушат цигара. Правилото налага во текот на полагањето во тие 3 часа, да нема пауза. Има можност ученикот да излезе и да се врати, до тоалет, со придружба на тестатор“, појасанува директорката.

Правилото кое се однесува на користењето телефон е исто како и во минатите години. Кога ученикот ќе влезе во просторијата во која полага, треба да го остави телефонот на страна, исклучен.

„Некои наставници ова го сфатиле како да ќе треба да ги претресуваат учениците. Но, тоа не е така. Наставникот може само да му рече на ученикот да го извади телефонот од џеб, но не и да го претресува“, додава Михајловска.

Годинава испитот на зрелоста ќе се полага во училишните холови, а не во училници како до лани. На прашањето дали ваквиот начин на полагање ќе донесе пообјективен процес на тестирање и пообјективни резултати, Михајловска дава потврден одговор.

„Се надевам дека ќе се намали препишувањето. Не можеме да тврдиме дека сите ќе ги почитуваат правилата, но сепак мислам дека ќе имаме пообјективен процес. Ако секој ги почитува правилата, не би требало да има проблеми. Верувам во чесноста и на учениците и на тестаторите. Се надевам дека нема да се случи како лани, да имаме 3.000 препишани есеи по англиски јазик, кои беа бодувани со 0 поени. Апелирам до учениците да ја вложат својата енергија комплетно во покажување на знаење, да бидат релаксирани и да не се плашат. Полагањето во голем простор ним ништо не им менува, тоа не може да им го земе знаењето. Апел и до наставниците, да бидат максимално посветени, во интерес на спроведување на целиот процес како што треба“, потенцира директорката на ДИЦ.

Годинава матура ќе полагаат 14.834 ученици. Мајчин јазик ќе се полага на 1 јуни, а на 8 јуни се полага некој од избраните предмети – математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.088 кандидати, албански јазик и литература ќе полагаат 4.189 кандидати, а турски јазик и литература ќе полагаат 315 кандидати. За вториот екстерен испит, најбројни се оние што избрале да плагаат англиски јазик – 13.198, а математика одбрале 1.356 ученици.

Минатата година, околу 3.000 матуранти беа фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик. Препишаните есеи им се бодуваа со 0 поени. Токму поради тоа, од годинава испитот на зрелоста ќе се полага во холови и во сали.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

цук

Рекорден број повици на единствениот повикувачки број за итни случаи

Кон Полиција биле упатени 40,51 отсто, кон Итната медицинска помош 17,61 отсто, a кон пожарникарите …